Дваесетгодишно момче од Боливија е уапсено поради кражба, а неговото злосторство не било тешко да се открие со оглед на тоа што се заглавило во оџак по кражбата во една куќа.
Овој несекојдневен инцидент се случил во Буенос Аирес. Крадецот украл скапа облека, МП4-плеер и таблет, кои ги спакувал во една торба. Во моментот кога тргнал да го краде и телевизорот, слушнал дека некој доаѓа и во паника го вратил телевизорот, ја оставил торбата и почнал да бега. Со оглед на тоа што сопствениците влегле преку вратата, негов единствен излез бил оџакот, но се покажало дека тоа не е добра идеја.
Крадецот се заглавил и свесен дека не може ништо да направи, почнал да бара помош. Го слушнале соседите, кои повикале полиција.