На четири локации во општина Крива Паланка обележани се паркинг-простори за лица со пречки во развојот, во рамки на проектот на Здружението „Хендикеп плус“, насловен „Пристапноста – наше право“.
Проектот се имплементира во соработка со „Маргина опскура“, а е финансиран од Европската Унија.
Претседателот на Здружението, Бранкица Димитровска рече дека во рамки на проектот, како дел од активностите, било предвидено обележување четири паркинг простори: кај општинската зграда, во центарот на градот, кај градски плоштад, кај Здравствениот дом и ќе се обележи на уште една локација која ќе се покаже како најпотребна.
– Локациите се доредуваа во консултација со нашите членови, лица со разни пречки во развојот и попречености, по што е направен елаборат и тие се обележани. Во следниот период ќе биде направено мапирање и обележување на пристапните и не пристапни институции во општината, а предвидени се и обуки на лица од општинската администрација и претпријатијата за познавање на правото на пристапност, изјави Димитровска.
Посочи дека изработени се педесет прашалници за лица со хендикеп за пристапноста, врз основа на кои е направена анализа, ангажиран е експерт во областа и таа ќе се промовира на претстојните два настани и завршната конференција до крајот на месецов.
– Во 21 век иако државата ја има ратификувано Конвенцијата за човекови права на лица со попреченост секогаш да треба да поднесуваат барања за остварување на загарантираните права, додаде Димитровска.
Таа изрази надеж дека локалната самоуправа во носењето на локалните акциски планови ќе ги вметне лицата со попреченост.