Во тек се градежните активности за реконструкција и доизградба на улицата „Вера Јоциќ“ која е дел од централното градско подрачје во општина Македонска Каменица. Улицата ќе се реконструира во должина од 470 метри и ширина на коловоз од 5,5 метри.
Како што информираа од општината вредноста на договорените градежни активности за нејзина изградба изнесува осум милиони и 798 илјади денари.
Градоначалничката Соња Стаменкова очекува со реализација на овие активности трајно да биде решен овој инфраструктурен проблем за жителите од овој дел на градот.
– Во склоп на потребните градежни активности моментално се врши отстранување на постоечкиот дотраен асфалтен слој. Следува поставување на нов тампон и асфалтен слој на целата должина од улицата. Целта е на граѓаните кои живеат овде да им се овозможи полесен пристап до нивните домовите со продолжувањето на улицата и нејзино поврзување со ул. „Каменичка“, рече Стаменкова.
Воедно, од општината ги информираат граѓаните на Македонска Каменица дека заради вршењето на интензивни градежни активности од страна на фирмата изведувач, улицата „Вера Јоциќ“ нема да биде проодна улица за сообраќај.