Македонска делегација предводена од директотот на Платежната агенција Николче Бабовски учествува на 44. Конференција на директорите на платежните агенции во Европската унија што се одржува денеска и утре во австрискиот град Андау.
Како што беше речено на Конференцијата, заедничката земјоделска политика, меѓусебната помош, решавањето на се поголемото климатско влијание врз земјоделството и воведувањето нови технологии ќе биде приоритет за сите земји од Европа, членки и кандидати за членство, вклучувајќи ја и Македонија.
Директорот Бабовски оствари повеќе неформални, билатерални средби, а во обраќањето рече дека искуствата и помошта што Македонија ги добива од земјите членки на ЕУ е од огромно значење.
– Владата, Министерството за земјоделство и Агенцијата посветено работат на прилагодување и унапредување на капацитетите со цел воведување на заедничката земјоделска политика, како и зајакнување и модернизација на агро секторот. Само со освовременување на земјоделството и со воведување нови технологии може да се развива и унапредува овој сектор. Европските фондови се од клучно значење во оваа насока, истакна Бабовски.
Освен директори на платежните агенции, на Конференцијата учествуваа и претставници на Европскиот суд на ревизори, Европската комисија и земјите-членки на ЕУ. Освен за земјоделство, се разговараше и за зголемување на економскиот раст, зајакнување на конкурентноста, Европскиот повеќегодишен буџет и неговото управување.