Јакимовски: Груевски, бидејќи сте бестрашен, зошто еднаш не излезете на дуел?

Од:

Стевче Јакимовски, градоначалникот на Карпош, реагира на говорот на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ и премиер Никола Груевски, при кандидатурата на Коце Трајановски за градоначалник на град Скопје.

Еве ја реакцијата на Јакимовски:

Господине Груевски, Во Вашиот промотивен говор при кандидатурата на Коце Трајановски за градоначалник на град Скопје,веќе го изгубивте секој критериум за политичка култура и себеперцепција.Велите,цитирам:

Па погледнете што се случуваше кога требаше нашиот контра партнер во политиката, СДСМ, да презентира кандидат за градоначалник. Прво сите се надеваа дека ќе се нафати Стевче Јакимовски. Се исплаши човекот, се повлече, се криеше, лево, десно – никаде го нема. А нели многу популарен, многу силен, многу јак и т.н….

…На крај се мачеа, се преслушуваа, се криеја, се повикуваа преку медиумите, се обвинуваа и го одбраа Јани Макрадули за жртвено јагне на овие избори.

„Господине Груевски,

За кандидат за градоначалник во Карпош тестиравте на повеќе јавни анкети дури десет кандидати од ВМРО-ДПМНЕ. Избравте само еден, кој треба да ми се спротистави на претстојните локални избори. Ве прашувам:

1. Дали останатите девет кандидати, меѓу кои и заменици министри,пратеници, доктори,директори, стопанственици, ваши коморски апологети и други,се исплашија да се соочат со мене на евентуалните локални избори?

2. Дали тоа значи дека Јагнула Куновска од сите 10 можни кандидати има највисок рејтинг во ВМРО-ДПМНЕ?

3. Ако за господинот Макрадули велите дека е жртвено јагне, тогаш „за какво јагне“ ја сметате госпоѓата Куновска?

Е, ако госпоѓата Ви имала највисок рејтинг, тогаш далеку сте ја дотуркале! Но, не ме чуди, зад кого застанувате во oпштина Карпош бидејќи досега се покажавте како мајстор за промашување, зашто за претходните локални избори Ваш кандидат беше Саша Димиќ. Човек кој што има 19 кривични пријави (инаку за Ваша информација 14 до пред изборите 2009-та година, и уште пет потоа).Тој е истиот оној Саша Димиќ, кој направи огромни загуби во ЈСП-Турс каде Вие го именувавте за директор и истиот оној кој претепа жена, веројатно во обид за силување.Тогаш во 2009-та година три минути пред изборниот молк, завршивте со непримерна беседа против мене, а со хвалоспеви за вашиот Саша Димиќ. Оттогаш па наваму, Ви бевме фокусот и местото на кое на најеклатантен начин демонстриравте непримерна сила и моќ на една недемократска власт врз локалната самоуправа.Но, нека ви е!

Сега повторно започнувате со истата реторика. Наместо да им кажете на граѓаните на Скопје дека Вашиот градоначалник на Скопје во наредните четири години нема само да грепка по уличките, да сади врби и поставува златни огради, туку ќе им остави некој капитален објект, Вие повторно со говорот на омраза се нафрлате врз мене. На Запад, господине премиере, тоа се вика прекумерна употреба на сила.

Кога сме кај наводниот мој страв, сакам да Ви поставам две прашања:

1. Бидејќи сте бестрашен, зошто еднаш не излезете на дуел, па дури и на некои од вашите лажовизии, со лидерот на опозицијата или на пример со мене, кога веќе толку често ме прозивате?

2. Ако сте толку храбар, зошто еднаш вашата храброст не му ја покажете, на пример, на Али Ахмети, туку од страв бегате дури преку Атлантикот?

Ме потценивте и повторно ме потценувате мене, а најмногу граѓаните на Карпош. Тие Вам и на Вашата партија уште во 2009-та година Ви покажаа кој е јунак, а кој кукавица.

Искрено Ваш,
Стевчо Јакимовски

Би можело да ве интересира

​Ѓорѓиевски: Градoначалниците на Карпош и Струмица ги каниме во понеделник на состанок во ЗЕЛС

Левица: Јаневска и Јакимовски водат партиски пресметки преку грбот на ученците

Јакимовски: Владата се однесува крајно некоректно кон македонските општини

Јакимовски ја обвини владата дека со помош на разни финти им обезбедува пари на албанските општини за да финансираат таканаречена „албанска академија на науки“

Јакимовски до Јанева: Ако е моја обврска да го плаќаме греењето, зошто тогаш министерството дава пари?

Јакимовски: Покажавме дека можеме да направиме мирни и достоинствени избори