Партијата за Движење на Турците во Македонија (ТХП) преку соопштение им честиташе на граѓаните кои вчера излегле на гласање.
„Радува фактот што вчерашниот историски референдум помина во демократски амбиент, а огромното мнозинство на граѓани уште еднаш упатија силна порака дека ги поддржуваат евроатлантските интеграции. Особено сме задоволни и од активното учество на граѓаните од турската етничка заедница кои со високиот одѕив уште еднаш покажаа висока демократичност и одговорност кон татковината. Очигледен е резултатот дека во сите средини каде што доминира турското население резултатите се позитивни“, пишува во соопштението на партијата.
Тие велат дека повеќе од јасно е дека вчерашниот референдум е успешен, а граѓаните го трасирале патот на Македонија кон НАТО и ЕУ.
„Партијата за Движење на Турците (ТХП) јасно и гласно ги повикува сите активни политички чинители на Македонија да ја почитуваат одлуката на мнозинството граѓани и да покажат зрелост и државнички карактер. Државните интереси треба да бидат над личните и партиските калкулации. Ние, како најголем политички субјект на Турците во Македонија и во следниот период со сите наши капацитети ќе се посветиме на евроатлантската интеграција“, се вели во соопштението.