Самсунг ја потврди својата намера да ги надмине конкурентите на пазарот со промоција на паметен телефон со флексибилен екран.
Се очекува корејскиот производител да открие повеќе детали за уредот во ноември. Вистинската премиера е малку веројатно да се случи пред почетокот на следната година. Уникатниот дизајн е гаранција дека флексибилниот смартфон ќе може да се купи по прилично висока цена и првично ќе биде произведена само лимитирана серија од неколку стотици илјади примероци.
Компанијата сега ја патентира трговската марка „Д Фјучр Анфолд“ (The Future Unfold), која се очекува да биде употребена во маркетинг материјалите за промоција на смартфонот. Во документите на Самсунг се наведува дека за во иднина „Д Фјучр Анфолд“ може да се користи за новата генерација мобилни уреди, но исто и за телевизори, светлечки тела, фрижидери, машини за миење садови и др. Изгледа дека Самсунг гледаат голем потенцијал во технологијата и ќе ја користат во максимален број на производи, пренесе „ГизЧајна“.
Во оваа фаза, нема нови детали за плановите на Самсунг за премиерата на нивниот прв паметен телефон со флексибилен екран. Регистрацијата на трговскиот бренд веројатно значи дека откако уредот ќе биде официјално претставен, ќе има многу додатоци и промотивни материјали користејќи го овој слоган. Моделот се очекува да се нарече Галакси Икс и е широк околу 7 инчи, кога истовремено се отворени двете страни, и тие може да се преклопат како книга.