Планираме да ги зајакнеме сите активности за инфраструктурните зафати со новите кредитни линии кои Министерството за транспорт и врски ќе ги добие наредната година од Европската инвестициска банка од 50 милиони евра за водоводи и канализации, како и за изградбата на локални патишта за што владата издвои 70 милиони евра за да им помогне на општините, нагласи министерот за транспор ти врски Горан Сугарески на днешната средба со прилепските локални власти за активностите во изградбата на локалните патишта во општината.
Сугарески со прилепскиот градоначалник Илија Јованоски направи увид во градежните работи на една од најфрекфентните улици во Прилеп, која ЈП „Македонија пат“ ќе почне да ја асфалтира.
– Очекуваме во наредните денови јавното претпријатие „Македонија пат“ комплетно да ја асфалтира улицата „Александар Македонски“, една од најфреквентните во Прилеп за граѓаните да имаат бенефит. Паралелно, Министерството за транспорт и врски работи во Големо Коњари, потоа во текот на наредната година да се доизгради патот до Прилепското вештачко езеро, а преку декадата на Ромите, беа одделени средства за прилепската населба „Тризла 2“. Она што во моментов е активно планираме да го зајакнеме со новите кредитни лини кои Министерството за транспорт и врски ќе ги добие наредната година од Европската инвестициска банка од 50 милиони евра за водоводи и канализации. Владата одвои 70 милиони евра за локални патишта, што значи и државата ќе може да им помогне на општините покрај користењето на нивните локални буџети, изјави Сугарески.
Тој уште еднаш упати апел градоначалниците да поднесуваат проекти во Министерството за транспорт и врски и во Министерството за локална самоуправа, во делот за Рурален развој каде се работат проекти од ИПАРД, за владата да им помогне на локалните самоуправи да се развиваат, а корист да имаат граѓаните.
Приелпскиот градоначалник Јованоски, нагласи дека активно се работи на повеќе улици во градот и на пристапните до населените места, а општината веќе има поднесено проекти за неколку магистрални патни правци.
– Пристапните патишта во општината од околните села, во голем дел, се тампонирани како и на неколку приградски улици, а деновиве се асфалтираа и две улици во градот: „9 септември“ и „Кеј 1 мај“. Од утре почнува да се асфалтира улицата „Кеј 4 јули“, како и оваа, една од најфрекфентните улици „Александар Македонски“. Се прават проекти за уште неколку улици во градот кои треба да се асфалтираат и треба да бидат готови до крајот на годинава. Во моментов се реализира проектот за патот до прилепското вештачко езеро кој е заеднички со Министерството за транспорт и врски, а во меѓувреме имаме испратено проекти и за магистралните патишта: за Битола, за Крушево и за магистралниот пат кон Македонски Брод, рече Јованоски.