Во рамки на одбележувањето на „Европската недела на спортот“, познати македонски спортисти им беа гости на дечињата, во ЈДГ „Весели цветови“.
Македонските спортисти, Марија Ѓурчиновска, Кристијан Вангелов, Златко Диманоски, Драган Мицевски и Милева Велкова донесоа многу насмевки на лицата кај дечињата во објектот Перуника. На оваа средба тие со дечињата се дружеа и им покажаа повеќе спортски вежби. Исто така, и во објектот Мимоза се одржаа спортски активности, на кои ракометарот Филип Василевски и најдобриот crossfitter, Жарко Батиќ ги учеа децата како правилно да спортуваат.
Исто така, и во ПОУ Златен Сремец – Град Скопје, се одржаа активности на кои претставници од Факултетот за физичко образование, спорт и здравје, и Федерација за пречки во развој, слепи и глуви се запознаа, се дружеа и спортуваа со дечињата.
Воедно, активностите од #BeActive, кои се дел од „Европската недела на спортот“ ќе продолжат да се одвиваат во Кисела Вода. Во спортската сала „Архиепископ Доситеј“ ќе се одигра ракометен натпревар помеѓу ученици во машка конкуренција. Додека, во спортската сала „Независна Македонија“ ќе се игра одбојка во женска конкуренција. Во истата сала во организација на Федерацијата на училишен спорт на Македнија ќе се одигра кошаркарски натпревар.
Активностите на „Европската недела на спортот“ ќе завршат со одигрување на кошаркарски натпревар помеѓу претставници од Агенцијата за млади и спорт и градоначалници од повеќе општини.
Проектот на Еразмус + „Европска недела на спортот“ се реализира во организација на Агенцијата за млади и спорт и Општина Кисела Вода.