Градоначалникот на Општина Карпош Стефан Богоев, ја најави целосната реконструкција на улицата „Њуделхиска“, во населбата Тафталиџе 1. Со оваа реконструкција, ќе се асфалтираат 500 метри од улицата, истата ќе се прошири и ќе се постави ново лед осветлување.
– Станува збор за една од најфрекфентните улици во урбаната заедница „Владо Тасевски“, која досега не беше реконструирана. Со овој инфраструктурен зафат, ние како локална самоуправа, ќе овозможиме подобар и побезбеден сообраќај на граѓаните во овој дел од Општина Карпош, потенцираше Богоев.
Првиот човек на Општината, исто така нагласи дека во моментот се асфалтира и улицата „Даскал Камче“, во населбата Карпош 1, а најави и понатамошна реконструкција на улиците во Општина Карпош.
– Во оваа прилика, сакам да истакнам, дека и покрај финансиските долгови кои ги наследивме во Општина Карпош, ние продолжуваме со реконструкција на улици, и други инфраструктурни проекти. Морам да потенцирам, дека со членството на Република Македонија во Европската унија, нашата локална самоуправа ќе има директен бенефит од 15,5 милиони евра, европски пари, кои ќе бидат наменети за нови училишта, градинки, патишта, и мостови, односно за нови капитални проекти, потенцираше градоначалникот на Карпош Стефан Богоев.
Оваа инвестиција со која се реконструира улицата „Њуделхиска“, ќе чини околу 3. 200.000 денари.