Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски денеска оствари средба со граѓаните и членовите на општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ Свети Николе.
Мицкоски пред присутните истакна дека секогаш кога СДСМ е на власт Република Македонија губи по нешто, односно како што рече тој Македонија станува посиромашна држава за по некој атрибут.
„Тој се наврати во минатото односно во време на транзицијата кога голем број на семејства остануваа без работа, па се до промена на знамето, прифаќање на референцата ФИРОМ, спомнувајќи го и фамозниот 15 септември во 2002 година кога ветуваа најмалку едно вработување од секое семејство, територијалната поделба на Македонија во 2004 година, па се до денес кога СДСМ и Заев повторно ги распродаваат националните и државните интереси, со истите лажни ветувања дека доколку се прифати се граѓаните ќе живеат посреќно, во мир и спокој. Претседателот Мицкоски пред граѓаните нагласи дека животот кој Зоран Заев го ветуваше во предизборниот период не само што не го донел туку животот на граѓаните го претворил во нивно колективно страдање“ се вели во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.
Мицкоски додаде дека СДСМ и Зоран Заев се обидуваат со притисоци и закани да го уценат народот за да го прифатат Договорот со Грција, кој според него, е штетен и значи откажување на се што е македонско.
-Овде во Свети Николе бев сведок на многу такви сведочења од граѓаните без разлика каде се вработени во државната управа, во локалната самоуправа кои велат дека на дневна основа имаат притисок од нивните надредени, локални функционери на СДСМ кои ги тераат, им се закануваат со губење на работни места доколку не го поддржат ова капитулантско дело на Зоран Заев, изјави претседателот Мицкоски.
Мицкоски порача да не потпаѓаат на притисоците и заканите од партиските војници на Заев и СДСМ и им порача на сите граѓани ширум Македонија дека ова што и се случува на Македонија и граѓаните многу брзо ќе заврши.
– Ќе дојде денот, кога како во нашата гордост, нашата химна повторно утрото ќе се раѓа над Македонија, и кога сите овие кои правеле грешки ќе одговараат пред органите во РМ. Затоа би сакал да ги замолам сите граѓани на Свети Николе и на сите граѓани ширум Република Македонија и да им биде пренесена оваа порака да не се грижат и да не потпаѓаат на заканите уцени од страна на Зоран Заев, додаде Мицкоски.
Тој нагласи дека Зоран Заев иако сака да се претстави како европското лице во Република Македонија, граѓаните имале можност да го гледаат во едно друго својство како градоначалник на општина Струмица како дрско и брутално за работа која што по службена должност треба да ја заврши тој бара поткуп едно евро за црквата, едно евро за Вицето.