Голема е одговорноста во овој момент, кое било тело, дури и Уставниот суд клучот да го земе од рацете на граѓаните.
Ова денеска го изјави шефот на дипломатијата Никола Димитров на прес-конференцијата со германскиот колега Хајко Мас, одговарајќи на новинарско прашање доколку процесот за референдум се стопира во однос на одлуката на Уставниот суд.
Нагласи дека на ниво на аргументи има две тези. Првата е дека ни треба посебен задолжителен референдум за стапување во сојуз со други држави. Таа уставна одредба, како што појасни се однесува кога се пренесува суверенитет.
– Точно е дека за членство во ЕУ ќе имаме една таква работа, но тоа нема да се случи утре, ќе поминат неколку години, нагласи Димитров.
Тој рече дека одредбата се однесува главно на стапување во сојуз со други држави во смисла на федерација или конфедерација.
Димитров вели дека за НАТО, која е меѓународна владина организација, таа одредба не е релевантна.
Во однос на начинот на кој е поставено прашањето, односно дека во себа ги содржи и Договорот со Грција и членството во ЕУ и НАТО, Димитров вели дека оваа забелешка и правно и политички е многу наивна.
– Договорот решавање на спорот со Грција стапува во сила заедно со ратификацијата на претпристапните протоколи за нашето членство во НАТО од страна на грчкиот Парламент, а спроведување на договорот во еден дел го следи нашиот пат кон ЕУ. Сите прашања се вака испреплетени и меѓусебно поврзани, нагласи тој.
Уставниот суд утре треба да одлучува за уставноста и законитоста на Одлуката за распишување на референдум, донесена од Собранието на Република Македонија на 30 јули 2018 година. До Уставниот суд поднесени се иницијативи од политичката партија „Левица“ и од Светскиот македонски конгрес.