Изјаснувањето на претстојниот референдум е од клучно значење за натамошното опстојување на Македонија како држава, поради што е неопходна национална хомогеност и обединување на сите граѓани кои живеат во неа, истакна претседателот на НСДП, Тито Петковски на регионалната трибина што се одржа во Кочани.
Според Петковски, сите македонски влади досега преговарале за решение за името, но ниедна немала решение и храброст да оди до крај со конечен предлог, а постигнатиот договор со Грција треба да се прифати како најповолно решение.
– Ве лажат дека овој историски момент не треба да се доживува како одлука дали да се биде или не. Македонскиот народ, заедно со граѓаните кои живеат во денешна Македонија, ја има историската шанса конечно да добие сопствено меѓународно признавање, и на идентитетот, и на јазикот, и на нацијата. Ако ние како народ ја пропуштиме оваа шанса, таа веќе нема да се повтори и за Македонија нема да се говори како држава која направила значаен исчекор кон цивилизираниот свет, со што ги обезбедила своите граници и постигнала стабилност и безбедност, истакна Петковски.
Претседателот на НСДП потенцираше дека сите значајни политички субјекти во изминатиот период го споменувале референдумот како начин народот да го потврди предложеното политичко решение за спорот со Грција.
-ВМРО-ДПМНЕ постојано заговараше да се спроведе референдум за прашањето со името и сега кога некој реши да ги послуша нивните повеќегодишни заложби, тие истите се повлекуваат и повикуваат на бојкот или немаат цврст став. Тоа воопшто не е патриотски чин и тие воопшто не и мислат добро на својата држава, заклучи Петковски.
На крајот од обраќањето пред присутните членови на партијата од регионот, претседателот на НСДП рече дека очекува оти мнозинството граѓани ќе дадат позитивен одговор на референдумското прашање, со што засекогаш ќе се затворат прашањата за опстојувањето на македонската држава.