Македонска опозиција денеска маршираше низ улиците на Штип. Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски на самиот почеток на својот говор се поклони на луѓето кои што ја следат казата за Република Македонија.
„Ми велат никогаш не треба лидерот и претседателот, неговите следбеници и следбениците на идејата да го видат на колена. Но јас имам еден одговор на тоа, ако претседателот и лидерот не клекне пред луѓето кои што ја следат каузата и идејата за Република Македонија и за независна Република Македонија тогаш не ја заслужува нивната доверба.
Ви се поклонувам на сите, да сте ми здрави и живи! И да победиме што е можно поскоро“, рече претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски денеска на протестниот марш во Штип.
Тој смета дека првиот претседател Киро Глигоров и првиот премиер на Република Македонија Никола Кљусев во деведестите години не го прифатија тоа што го бара јужниот сосед, зошто како што, вел,и не дозволија да бидеме понижени.
– А денес има политичар кој го прави тоа. Го имаме Заев и неговата владина свита. Човек и луѓе кои немаат никаков проблем да зборуваат колку го почитуваат минатото, додека мртви-ладни на дело формираат комисија која ќе ни ја ревидира историјата, како обврска која тие си ја преземале во име на сите нас, иако никој не им го дал тоа право. И уште поважно, спроведуваат одредба од договор што Заев и Димитров сами си го потпишаа и најважно од се – спроведуваат одредба од договор кој воопшто не е стапен на сила! Кога ќе ги прашаат, изговорот им е дека историјата мора да се потчини на политиката, како влог во подобро утре. Некако ми се чини дека ова подобро утре на Заев и СДСМ бара премногу влогови. Затоа што не им е првпат, рече Мицкоски.
Смета дека Македонија со СДСМ и Заев ита кон бездната, а отворено го повика и на телевизиска дебата, на која директоно ќе му одговори што мисли за апстиненција.
-Ти прифати Заев јас веднаш ќе ти кажам што мислам, ама ќе треба и да одговориш за наведнатата кичма, за губењето на идентитетот, за одземеното достоинство на народот, за наместените тендери, за криминалот кој го правиш на дневно ниво и зошто нема никаква санкција за тоа. Излези Заев охрабри се, еднаш речи не на твоите советници, Спасовски ли, Шекеринска ли се викаат, нека те пуштат на дебата да збориме за капитулацијата со која сакаш да ја понижиш Македонија, порач Мицкоски.
Македонија е во опасност, а кога СДСМ е на власт Македонија ја има се помалку, смета Мицковски, а опасноста доаѓа, вели, од незнаење, неспособност и криминогеноста на врхушката на власт. – Под плаштот на европската иднина на државата се спроведува пљачката на векот и се злопуотребува силната желба на македонскиот народ за европските стандарди, просперитет и сигуност на државата, порача Мицковски од Штип.
Прво, рече, еве, за нив, не за вас, зошто знам дека на вас се ви е јасно, за нив ќе повторам уште еднаш, наједноставно што можам.
– ВМРО-ДПМНЕ, почитувајќи ги своите вредности на индивидуална слобода и демократско поведение одлучи да остави на граѓаните на оваа држава да постапат на 30 септември по своја слободна воља и убедување! Тоа значи, дека ние нема да наметнуваме партиска агенда, туку ќе учествуваме во дебатата исклучиво презентирајќи факти и аргументи кои сме длабоко убедени дека се на наша страна, додаде Мицковски.
Лидерот на македонската опозиција најави дека на секој граѓанин ќе се обидат да му го објаснат штетните последици од Договорот со Грција.
– Ова ќе го направиме затоа што сметаме дека за национално прашање, како што е менување на името на државата мора да одлучува нацијата. Улогата на партиите во овој случај е да му ги објаснат на народот фактите и последиците, добрите и лошите страни… Во тој процес, партиите имаат должност да ги презентираат фактите такви какви што се и имаат уште поголема обврска да не спинуваат вакви суштински прашања зашто луѓето мораат да знаат. Македонската нација мора да знае, и сите нејзини составни делови, не само Македонците, мораат да знаат какви последици повлекуваат сите можни одговори на овој референдум, рече Мицкоски.
Овој референдум, посочи, иако намерно збунувачки срочен, не е изјаснување дали сакаме во ЕУ или во НАТО, туку е референдум за тоа дали прифаќате да се промени името на земјата и дали ги прифаќате сите последици што произлегуваат од договорот.
Тој додаде дека секој македонски граѓанин мора да знае дека не гласа за европски вредности затоа што ова е референдум на кој се одлучува дали го прифаќате или не го прифаќате Договорот од Нивици и ништо друго!
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ на граѓаните на Република Македонија им порача на 30 септември да го слушаат срцето и да постапат како што им вели разумот.