Како Република Македонија ќе се развива и отвора кон светот ако не влезе во двата најмоќни сојузи во светот? Како Република Македонија ќе го гарантира територијалниот интегрититет, целовитоста на државата, ако не стане дел од еден најсовремен заеднички управуван систем за безбедност како што е НАТО Алијансата? Тоа се прашања кои заслужуваат да бидат одговорени пред граѓаните на Република Македонија, рече министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски на граѓанската трибина „Излези за европска Македонија“ што попладнево се одржа во Радовиш.
Додаде дека Република Македонија нема време за неизвесност, нема време да оди по пат кој не граѓаните нема да знаат каде ќе стигнат.
– Нема време да продаваме ветер и магла пред граѓаните на Македонија. Ова држава заслужува јасна перспектива, заслужува да го одбере и изоди до крај овој пат. Затоа што перспективите кои што ги нудат НАТО и ЕУ се перспективи за сериозен и вистински напредок на државата. НАТО ќе ја гарантира безбедноста на Македонија, ќе ги гарантира границите на Македонија, ќе го гарантира територијалниот интенгритет на Македонија и со членството во НАТО ќе ги затвориме сите отворени прашања кои што лебдеа над Македонија 28 години. Та ќе ја делат, та ќе ја парчат Македонија. Таа приказна ќе заврши на 30 септември 2018 година. Македонија ќе биде безбедна, единствена и држава какква што ја посакуваме сите ние, потенцираше Спасовски.
Тој смета дека Договорот со Грција гарантира, како што рече, „за век и веков дека сме Македонци и дека такви ќе останеме и такви ќе не признаваат и никој повеќе нема да го отвора тоа прашање за нашиот идентитет“.
Спасовски во обраќањето во Радовиш повика сите граѓани заедно да застанат и да се изборат за европските вредности во Македонија.
– Најважната работа што Македонија ќе се приклучи кон ЕУ не е тоа што ние ќе добиеме поддршка, помош, фанансиски средства и развој, туку на Македнија и потребна најважната реформа, а таа е реформата на умот, реформата на размислувањето, реформата на европско однесување, да ја сакаме и да ја цениме сопствената држава. Европаска вредност е да имаме силни институции и да имаме одговорна власт, која што ќе ги јакне институциите наместо да ги слабее и да ги пљачка, рече Спасовски.
Во продолжение тој истакна дека Македонија таква јасна поддршка како што има сега немала никогаш. Затоа, додаде, сите пораки кои што ги пратиле германскиот канцелар, претставниците на САД и претставниците на ЕУ и сите оние кои дошле и што ќе дојдат во Република Македонија за да ја дадат поддршката на граѓаните на Република Македонија, треба да бидат сфатени најправилно и најпријателски.
Тој ги повика граѓаните масовно да излезат на референдумот на 30 септември, но дотогаш да се посетат сите домови во Радовиш и Република Македонија и да се поразговара со граѓаните за да им се расчистат сите дилеми.
– Повикувам да бидеме авангарда во овој историски момент за Република Македонија. Повикувам да бидете сите горди што ќе бидете дел од една историска генерација за која што ќе се пишува дека ги оствари вековните соништа на Македонците да имаат своја држава, меѓународна призната, напредна и членка на НАТО и ЕУ, порача министерот за внатрешни работи на крајот од своето обраќање на граѓанската трибина „Илзези за европска Македонија“ што се одржа на Плоштадот во Радовиш.
На трибината говореше и пратеничката од Радовиш, Милевка Георгиева, а министерот Спасовски одговори на повеќе прашања поставени од присутните граѓани.