Во тек се подготовките и чистење на теренот потребни за почеток на доизградба на кејот од Каменичка Река. Според информацијата на градоначалничката Соња Стаменкова во рамки на доуредувањето на кејот ќе биде поставена соодветна урбана опрема.
– Доуредување на кејот на Каменичка Река како место за релаксација на граѓаните и негово целосно заокружување ќе биде со вкупна должина од 1.500 м. Ќе се направи дополнително уредување со нови клупи за седење, канти за ѓубре, пешачки и велосипедски патеки, како и негово осветлување по целата должина, рече Стаменкова.
Според Стаменкова, целта на ваквата активност е зголемување на зелените површини во градот, намалување на опасноста од поплави, уредување на површини за одмор и рекреација на сите генерации во центарот на градот.
– Со тоа сакаме на овој дел од градот да му дадеме еден поинаков, современ лик, да создадеме простор кој граѓаните секојдневно ќе можат да го користат за релаксација, шетање и разонода, појаснува Стаменкова.
Градежните активности за доуредување на коритото на Каменичка река се очекува да започне во текот на престојниот период.