Над 200 видови автохтон грав поседува Цветковиќ од кумановско Тромеѓа

Од:

Над 200 видови автохтон македонски грав поседува Драган Цветковиќ, сопственик на компанија и како што самиот се нарекува колекционер на различни видови грав. Шарени опфаќајќи цела палета на бои, од темни, црни до светли, со различни дезени, со линии, дамки се зрната грав кои Цветковиќ ги чува во малите стаклени шишенца, уредно поставени во витрините на неговата фирма во кумановското село Тромеѓа.

Различните видови грав семејството Цветковиќ, ги собира по планинските места, во низините и котлините низ Македонија. Покажувајќи тегла со неколку зрна кафеав грав прошаран со бели точки, Цветковиќ раскажува дека со претпазливост, па дури и како аманет му гу подарувале домаќините кои со години ги чувале во грниња или шишенца.

– Наназад со години собираме планински грав. Одиме во куќите и ни велат, знаете ова го чуваме со години од дедовци. Ви го даваме, бидејќи се занимавате со оваа дејност, можеби ќе никнат. Ни го даваа како аманет, сметајќи дека на овој начин и се одолжуваат на природата и на земјата. И најголем процент од нив никнаа, вели Цветковиќ.

Низ 18-те години колку што и функционира неговата компанија за производство на зачини, успеал да обезбеди 147 различни видови грав. Дополнително, и Институтот за генетика од Земјоделскиот факултет му понудил преку 100 видови грав кои сега, семејството Цветковиќ ги сади на парцелите во кумановските села.

– Единствени сме на Балканот, па и во Европа како колекционери на преку 200 видови грав, чист автохтон, македонски грав, вели Цветковиќ.

Цветковиќ се одлучиле за производство на шарено гравче, откако од земјоделците добивале по неколку зрна, пет шест, го саделе на нивите, умножувајќи ги секоја година по неколку килограми се додека не добиле соодветна количина семенски саден материјал.

Планинскиот или шарен грав во минатото, луѓето не го конзумирале, мислејќи дека поради големината на некои зрна кои достигнуваат и три сантиметри не се јаде. Поради убавата боја на цветовите, бели, црвени, порокалови, селаните го саделе како украс во дворовите и го користеле за „жива“ ограда.

Зрната од шареното гравче, Цветковиќ ги собираат, селектрираат, умножуваат, ги садат на нивните ниви, годинава на површина од 16 декари дел и кај кооперанти во поширокиот кумановски регион, кон Крива Паланка и Свети Николе. Низ годините ја постигнал целта, да се соберат доволни количини на умножен семенски материјал кој ќе остане во Македонија. Цветковиќ ја обновува и генетската банка на Институтот со различни семиња на шареното гравче.

– Гравот бара многу труд ангажаман, особено што производството е органско, вклучува садење, три до четири пати обработка на земја, поставување на шпалир, бидејќи расте 2, 5 метри во висина, врзување на билките за да пораснат нагоре, берење, две три чистења, селекции, рачна заштита од штеточини и инсекти, потоа следи класирање и продажба, појаснува Цветковиќ.

Шареното гравче, утврдил Институтот за генетика се разликува од белиот грав по својствата. Поради влакната и богатството од витамини, Б1, Б6, фолна киселина, манган, калиум, бакар, железо се препорачува за дијабетичарите, може комбинирано да се користи со цели зрна како што се кафеав ориз, пченица, јачмен. Ова македонско гравче, вели Цветковиќ претставува здрав и висококвалитетен оброк. Шареното гравче се вари половина час, многу побргу од белото гравче. Шареното гравче кое го произведува фирмата на Цветковиќ може да се најде во продавниците за здрава храна. Производите се нудат исклучиво во Македонија.

– Не е цел да се остварат само финансии, битно е да оставиме нешто за земјата, за природата, оти и нам ни е дадено и имаме обврска да го сочуваме како автохтон македонски производ, вели Цветковиќ.

Би можело да ве интересира

Лефков: Владата го зголеми Буџетот за земјоделство, фокус модернизацијата и наводнувањето

СДСМ: ДПМНЕ ги заглави субвенциите а се фали со мерките на СДСМ за јачменот, пченицата, грозјето

Земјоделците од штипските села се жалат дека немаат вода за наводнување на културите

Трипуновски: Љупчо Николовски доделил 2.5 милиони евра надвор од процедура

A1on

МЗШВ: Усвоена Интервентната програма за поддршка во земјоделството за 2024 година

Македонското земјоделство ги доби првите сертифицирани советници