Претседателот на НСДП, Тито Петковски и Секретарот на партијата, Кристијан Трајковски вчера остварија средба со членови на општинската организација на НСДП во Куманово, вклучително и со членовите на локалниот Изврешен и Надзорен одбор на партијата.
На средаба со членовите на кумановскиот огранок, претседателот на НСДП, Тито Петковски истакната дека по 74 години на постоење на државата, од Првото заседание на АСНОМ, не е едноставна работата да се прифати ново име на државата.
„Сосема разбирливо е зошто голем број на граѓани го прифаќаат овој чин со жалење, тага и револт. Но едновремено и со олеснување поради европската иднина на земјата и идните генерации. Станува збор за возвишени вредности, како што се гаранциите за стабилност и безбедност на државата, која до пред само една година беше целосно изолирана од меѓународната заедница“, рече Петковски пред членовите на НСДП, притоа порачувајќи дека граѓаните треба да веруваат дека со тој чин ќе се обезбеди побрз развој на Република Македонија, подобар живот на идните генерации и надминување на трагичната поделба на македонското општество по сите основи, вклучително и на чувството на недоверба во се што е поинакво и исполнето со страв и омраза.
„Со масовното излегување на рефрендумот и гласањето позитивно на референдумското прашање, не само што ќе отвориме нови перспективи за граѓаните и државата, туку и на најдобар можен начин ќе му покажеме на светот дека сме народ способен да има своја држава, со свој јазик и препознатлив идентитет“, рече Петковски.
Претседателот на НСДП нагласи дека мора да поседуваме малку повисок степен на самодоверба, убедени во исправноста на својата одлука која безсомнение има историски димензии.
„Ако светот не повикува да градиме заедничка иднина со најразвиените држави и нации, тогаш самите ќе бидеме виновни доколку не го препознаеме историскиот момент и не одговориме позитивно на предизвикот. Во историјата на една нација ваква шанса се укажува само еднаш и никогаш повеќе“, порача Петковски.