Премиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски најави сигурна победа на локалните избори во Куманово. Посака таа победа да биде со учество и на опозициски кандидат, зошто така, како што рече, победата би била вистинска.
Најава за учество на опозицијата на локалните избори, рече, гледа во тоа што опозициските поддржувачи шират информации дека ќе има предвремени парламентарни избори, иако малку подоцна, што според него значи дека се бара алиби опозицијата да отстапи од првичните ставови за бојкот на локалните избори.
– Тоа го посакувам, прво зошто е добро за Македонија, а друго затоа што само со учество на кандидат на опозицијата и во овој град победата би била вистинска. Сакаме победа од два концепти. Граѓаните ќе имаат можност да изберат помеѓу ветено и неостварено и концепт на успешен и почитуван човек како што е кандидатот Зоран Ѓорѓиевски, рече Груевски, на промоцијата на кандидатот за градоначалник на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата за Подобра Македонија.
Груевски се осврна на, како што истакна, сите неостварени ветувања на досегашниот градоначалник од редовите на СДСМ Зоран Дамјановски, но и проектите реализрани од Владата и покрај опструкциите од локалната власт.
– Програмата на кандидатот за градоначалник на Куманово од ВМРО-ДПМНЕ е подготвена внимателно. Предвидено е отварање на индустриско-развојна зона во непосредна близина до Куманово на автопатот „Александар Македонски“, која ќе привлече инвестиции и ќе понуди нови работни места, изградба на нова автобуска станица, зелен пазар во населбата „Гоце Делчев“ ,откупно-диструбутивен центар за земјоделските производи по модел на јавно приватно партнерство, градинки, реконструкција на десет средни и основни училишта, доизгрдаба на секундарна канализациона мрежа со приклучување на повеќе населби и села, спортски сали, детско одмаралиште во село Длабочица, реконструкција на градскиот стадион, спортски игралишта терени за тенис… За оваа програма вреди Куманово да размисли и по подолго време да даде шанса на човек внимателно избран од ВМРО ДПМНЕ па да види како се работи и како се напредува, рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.
Кандидатот за градоначалник на Куманово Зоран Ѓорѓиевски е познат хирург, со долгогодишен стаж, афирмиран во својот досегашен професионален ангажман, во општа болница Куманово.
Тој смета дека реализацијата најавените проекти ќе го направи Куманово европски град. Резултатите од сработеното, рече, може да го сменат ликот на градот и суштината на градското живеење и ги повика граѓаните заедно да започнат да ја креираат пресвртната точка за Куманово.
– Да не ги пренагласувам програмските цели, но очекувањата од резултатите се реални бидејќи деформациите во градот се многу големи. Да почнеме да ја креираме пресвртната точка за Куманово, да не се запрашуваме што овој градоначалник може сам да направи, туку без двоумење, без компромис се што знаеме, сакаме, умееме, најдобро со сите вас, заедно да го направиме. Во мојата професија има постојано предизвици, но овој предизвик е сосема друг полн со вредносни цели за достоинството на луѓето кои живеат во овој град. Тоа почива во правото на еднакви можности за сите, рече Ѓорѓиевски.
На промоцијата, меѓудругите, присуствуваа и министерката за внатрешни работи Гордана Јанкуловска и вицепремиерот задолжен за економски прашања Владимир Пешевски.