МОТ на 20 септември ќе почне со „Блокбастер“

Од:

Со „Блокбастер“ – претстава со филмски кадри од 160 холивудски филмови, на 20 септември во Македонскиот народен театар ќе почне 43. Меѓународен театарски фестивал Млад отворен театар (МОТ) кој ќе се одржува до 28-ми месецов.

Младинскиот културен центар, кој е организатор на МОТ, соопшти дека „Блокбастер“ или т.н. театарско НЛО, е претстава филм-пародија, создаден со повеќе од 1400 кадри извадени од 160 холивудски филмови.

– Од таа гигантска монтажа се раѓа блокбастер со оригинално сценарио. „Блокбастер“ е приказна за насилството од доминантната класа на обичните луѓе каде што хуморот се користи како инструмент за протест, соопшти МКЦ најавувајќи ја програмата на фестивалот.

Ќе гостува и Словенско младинско гледалишче со „Идиоти“ според сценарио на познатиот дански режисер Ларс фон Трир, претстава која едновремено е и смешна и критична, промислена, лесна и возбудлива. Германската претстава „Има уште“, пак, е експеримент и ново колективно кореографско искуство.

Новосадско позориште ќе го претстави на сцена текстот на Данило Киш „Гробница на Борис Давидович“ во режија на Александар Поповски на унгарски јазик. На програмата е и „Странци“ во режија на Нела Витошевиќ за која МКЦ наведува дека е претстава што ги отвора дилемите колку соочувањето со вистината нѐ прави подобри луѓе.

Португалската театарска компанија на Жоа Гарсија Мигуел ќе се претстави со „Го убивме шугавото куче“ – дел од проектот „Африкански бранови“, кој ги спојува Португалија и Африка,. „Балканската рута“ ќе ја прикаже рутата по која се движел театарскиот и филмски режисер Франц фон Столхен, по чие сценарио рутата почнува како театарски перформанс, во кој документарното и фикцијата се неделиви. Во претставата учествува и македонската актерка Наталија Теодосиева.

На фестивалот ќе биде изведена и „Чудна шума“ на кореографката Искра Шукарова која ја поставува со студентите на ФМУ, како и премиерата „Шииит“ на домашната независна театарска трупа „Артопија“ во режија на Ирем Ајдим.

На 43. МОТ ќе биде изведена и најновата претстава на Битолскиот народен театар „Но(е)ва Македонија“ во режија на Кокан Младеновиќ, ангажирана општествена сатира која реферира на историската мегаломанија на поранешната македонска власт.

Дел од МОТ ќе бидат и соло-проектот на Словенецот Марко Булц „Прва алтруистичка приказна“, „Болница“ на Јо Стромгрен Компани од Норвешка, „Над земја под облаци // некаде помеѓу” во режија на Ирем Ајдим на „Ентропи студио“ од Истанбул.

Веднаш по премиерата и отворањето на театарската сезона на Босанското народно позориште во Зеница, на 20-ви и 21 септември претставата „Буре барут“ на Дејан Дуковски, во режија на Нина Николиќ, доаѓа на МОТ како дел од културната соработка меѓу Босна и Херцеговина и Репубика Македонија.

Ќе гостува и корејската претстава „(Во живо) БЈ Фауст“ на театарската компанија „Сисифе“ од Сеул, а фестивалската програма на 28 септември ќе заврши со „Црнила ремикс“ според класичното драмско дело на Коле Чашуле, музичко-драмски перформанс поставен од Јордан Симонов во продукција на Младинскиот културен центар.

Во деветте фестивалски денови Млад отворен театар ќе се одвива на осум сцени низ Скопје – Македонски народен театар, Македонска опера и балет, Кино Култура, Македонска филхармонија, Универзална сала, Кино Фросина – МКЦ, Дансинг сала во МКЦ и Драмски театар.

Цената на билетите во претпродажба до 19 септември е 200 денари, а потоа за сите претстави ќе чинат по 300 денари.

Фестивалот ќе има и богата придружна програма – два концерта, изложба „Сценографии 35“ – ретроспектива на 35-годишната сценографска кариера на авторот Крсте С. Џидров, одбележување 70 години на меѓународната мрежа на Интернационалниот театарски институт на УНЕСКО со претставување на драмската авторка, филмски сценарист и актерка од Русија, Јарослава Пулинович и промоција на електронската книга „Сирота мала богата драма“.

Би можело да ве интересира

Вечерва „Хинкеман“ на независниот театар Златен Елец го отвара 49. МОТ

А1он

Две нови изведби на перформансот „Мачката Елеонора“ во МКЦ

Предраг Петровиќ

Костадиновска Стојчевска: Да се одложат одредени проекти во МКЦ додека да се реши статусот на хонорарците

Синдикатот на МКЦ бара надлежните институции да најдат решение за хонорарно ангажираните лица

Горан Наумовски

Отворање на изложба „Кобалт Синергија“ во МКЦ

Горан Наумовски

Бени Шаќири нов директор на МКЦ