Индискиот производител на автомобили „Тата Моторс“ и натаму бара начин за влез на европскиот пазар, а според најновите информации во оваа компанија размислуваат да отворат фабрика во Романија.
Иако беше планирано продажбата на моделот „Тата Нано“ во Европа да почне во 2012 година, тоа не се случи бидејќи индиската компанија мораше да се фокусира на проблемите на домашниот пазар.
Дека во „Тата Моторс“ повторно се свртуваат кон европскиот пазар сведочи и најавата дека компанијата има намера да вложи милијарда евра за некогашната фабрика на „Нокиа“ во Романија да ја оспособи за производство на автомобили.
Од индискиот производител засеге нема официјална потврда на оваа вест, но ако дојде до реализација на планираната инвестиција, во погонот ќе се вработат околу 5.000 работници кои ќе произведуваат камиони, автобуси и автомобили.
Во фабриката во Романија ќе се изработуваат следните генерации на моделот „Нано“, што ќе се темели на коцептите „Пиксел“ и „Мегапиксел“.
Веста дека „Тата Моторс“ можно е да отвори фабрика во Романија не претставува некое големо изненадување со оглед на фактот дека на тој начин овој индиски производител ќе избегне на неговите автомобили, што ќе ги пласира на европскиот пазар, да плаќа царина.