Истражување: Прогресивниот данок ќе предизвика одлив на капитал и мозоци

Од:

Најавата за воведување на прогресивно оданочување на персоналниот доход се повеќе предизвикува реакции и загриженост кај бизнис заедницата. Македонија 2025, Американска стопанска комора во Македонија и Стопанска комора за информатички и комуникациски технологии – МАСИТ, извршија детални истражувања за ваквата мерка на владата и наведуваат дека кога станува збор за економиите во развој, меѓународните најдобри практики и значителните емпириски докази говорат во полза на системот за рамноправно оданочување како клучен фактор кој ги движи влезните инвестиции.

Тие сметаат дека економијата ќе има корист од сеопфатна даночна реформа, заснована на усогласен пристап во кој бизнис секторот игра значајна улога. Ова мислење е дел од поширока иницијатива да се создаде дијалог помеѓу релевантните страни во насока на подобрување на бизнис средината и инвестициската клима во земјата.

АмЧам Македонија, Македонија 2025 и Стопанската комора за информатички и комуникациски технологии – МАСИТ ги презентираат аргументите за ефектот што воведувањето на ваков данок би го имало врз економијата:

„1.Предложените мерки нема да го постигнат посакуваниот ефект на подобрување на социјалната еднаквост, но ќе ја намалат продуктивноста, вработливоста и развојот на квалификации:

Нејасно е како ќе се распределат дополнителните средства собрани со зголемувањето на данокот на персонален доход – дали директно ќе се искористат за подобрување на социјалната нееднаквост или средствата ќе се користат за генерални расходи? Доколку се користат за генерални расходи, ефектот ќе се поништи бидејќи од истиот буџет субвенционира приватниот сектор. Доколку се користат директно за подобрување на социјалната нееднаквост и, како што најави Министерката за труд и социјална политика Мила Царовска, се искористат за да се покачи износот на социјалната помош до 12,000 денари за четиричлено семејство, тогаш таквата мерка ќе доведе до следново:

Зголемување на невработеноста – доколку социјалната помош се изедначи со износот на минималната плата, работоспособните лица кои примаат минимална плата ќе преферираат да не работат и да земаат социјална помош отколку да работат за минимална плата, со што дополнително ќе се оптовари буџетот.

Намалување на продуктивноста и вработливоста – доколку се пенализираат оние делови од населението кои напорно работат кон напредување и повисоки приходи, а се наградуваат оние кои не се трудат, ќе се намали продуктивноста.

Дестимулирање на развојот на висококвалификувани кадри – зголемувањето на данокот на личен доход најмногу ќе ги погоди оние кои вложувале во сопствениот професионален развој и ќе испрати порака дека квалификуваноста е неисплатлива, со што ќе се отстрани стимулот за развој на способности и квалификации.

2.Предложените мерки ќе ја намалат даночната послушност и ќе ја зголемат сивата економија:

Зголемување на даночното затајување – во контекст во кој населението нема доверба во институциите на системот и има низок степен на задоволство кај обврзниците за начинот на кој прибраните средства се користат, зголемувањето на даноците ќе доведе до изнаоѓање дополнителни и креативни начини за даночна евазија (пријавување на само дел од доходот наместо полниот износ, исплаќање на доходот на сметки во други земји, Payoneer картички).

Намалување на бројот на даночни обврзници, отежнато прибирање на даноците, и зголемување на трошоците и комплексноста на прибирање даноци – воведувањето на прогресивен данок на личен доход ќе доведе до зголемување на неформалното вработување, со што ќе се намали бројот на даночни обврзници. Тенденцијата да се избегнат зголемените

даночни обврски ќе го отежни прибирањето на даноците, а покомплексната формула и потребата за поголема контрола на почитувањето на законските обврски, ќе ги зголемат трошоците на Управата за Јавни Приходи.

3.Предложените мерки ќе имаат негативен ефект врз растот и развојот на македонската економија:

Одлив на капитал и намалени инвестиции – менување на даночните регулативи го комплицира работењето на компаниите во приватниот сектор поради неможноста да се планираат трошоците и ќе доведе до несигурност и кај домашните компании и кај странските инвеститори. Таа несигурност ќе доведе до намалени инвестиции и потенцијално до одлив на капиталот во земји со поповолен даночен режим и поголема предвидливост во работењето на приватниот сектор.

Одлив на мозоци – воведувањето на прогресивен данок ги таргетира висококвалификуваните и професионални кадри кои веќе се дефицитарни во Македонија. Во Република Македонија се исплаќа бруто плата и не постои механизам кој ќе ги обврзе компаниите да ја зголемат бруто платата за нето платата да остане иста по зголемување на придонесите. Многу е веројатно зголемениот даночен товар да падне врз грбот на вработените наместо на работодавачите. Тоа ќе доведе до одлив на квалификуваните кадри во земји со поповолна даночна клима. Овие кадри се исто така и најголемите потрошувачи и со нивното заминување ќе се намали економскиот раст.

Дестимулација на иновативните “смарт” индустрии кои генерираат најголеми приходи и се двигатели на економијата – иновативните и брзорастечки компании, особено во ИКТ секторот, ќе бидат особено погодени од зголемените даночни обврски бидејќи тоа се индустриите во кои доходите се највисоки. Дополнително, овие индустрии не ги исполнуваат условите за владините мерки за развој што води до двојно пенализирање на овој сектор- носител на економски раст.

Според погоре наведеното, сметаме дека ова не е погоден момент за воведување на прогресивно оданочување на личниот доход, особено не во формата која што неофицијално беше имплицирана.

АмЧам, МАСИТ и Македонија2025, како и останатите бизнис асоцијации – претставници на приватниот сектор, имаат ресурси, експертиза, и капацитет да го поддржат Министерството за финансии во изготвување на сеопфатна даночна стратегија и реформа која во исто време ќе придонесе кон зголемување на бројот на даночните обврзници, подобрено собирање на даноците, правична распределба на средствата и зголемена социјална еднаквост без негативно да влијае врз севкупната економија и нејзиниот раст.

Се надеваме дека ќе ја прифатите нашата поддршка и дека заеднички ќе формулираме решение кое ќе биде прифатливо за сите сфери на општеството“.

Би можело да ве интересира

Илиеска: Владата со измените на законот за данок на добивка удира по малите претпријатија, го укинува ослободувањето за фирмите со промет до 3.000.000 денари, кои се најкревки

МФ: Усвоени измените на Законот за данок на личен доход за укинување на прогресивното оданочување и даночењето на каматите од заштедите

ССК: Не е време за нови даноци, да ги поддржиме клучните сектори

(ВИДЕО) Ковачевски: Со новата праведна даночна реформа нема нови даноци, нема зголемени даноци и се укинува прогресивното оданочување

Ана Ололовска

Димитриеска Кочоска: ВМРО-ДПМНЕ е против даночната политика на СДСМ за високи даноци за народот, ние протежираме политика на ниски и рамни даноци

Ана Ололовска

Ковачевски: До 2023 намалување на персоналниот данок во ИТ од сегашни 10 на 0 проценти

Ана Ололовска