Претстојниот викенд на платото пред ТЦ Лептокарија ќе се одржи традиционалното Карпошово културно лето.
Градоначалникот на општина Карпош, Стефан Богоев, денеска ги повика сите граѓани да се придружат и да бидат дел од програмата наменета за сите граѓани.
– Оваа година ставаме фокус на македонските изведувачи, пејачи и артисти, а програмата ќе ја води нашиот познат актер и мултимедијален лик, Сашко Коцев. Имаме содржини и перформанси прилагодени за сите генерации, три вечери исполнети со поп и рок музика, диџеи, етно звуци и забава за најмладите, рече Богоев.
Утревечет на платото пред ТЦ Лептокарија ќе настапат деца учесници на детскиот фестивал Златно славејче, Дарио Панковски, групата НонСтоп и пејачката Кристина Арнаудова.
Во сабота граѓаните ќе ги забавуваат фамилијата на Петко 5+, ГуруХаре и пријателите ИгорЏамбазов, Дани, ТањаТас, Дамир Имери -на клавијатура и Трајче Велков на труба.
За недела е предвиден настап на фолклорното студио Етнос, Чалгија саунд систем, Златко Ориѓански и Бени Шаќири.