Обвинителката Вилма Русковска во воведниот говор за обвинението за крвавиот четврток, рече дека на 27 април 2017 година се случил напад врз една од најважните институции во државата, македонското Собрание.
„Крвавата глава на Зоран Заев, нападот на Радмила Шекеринска и на Зијадин Села ќе останат длабоко вмрежани во меморијата на граѓаните“, рече Русковска.
Таа објасни што се случувало на 27 април. Сè почнало во 14:39 часот кога Благоја Василевски, телохранителот на Никола Груевски, од број, сопственост на Секторот за општи и заеднички работи при Владата му свртел на неговиот брат, обвинетиот Александар Василевски Нинџа, наводно да го праша за здравјето на нивната мајка. Потоа следуваат разговори на Александар Василевски и обвинетиот Никола Митревски Кољо за организација на нападот во Собранието.
„Во кафе барот ‘Дион’ во ГТЦ, се собираат околу 68 лица од Скопје и од другите градови, меѓу кои и припадници на патриотските здруженија. По наредба на Александар Василевски Нинџа и Никола Митревски Кољо, Стефан Младеновски од продавницата ‘Камуфлаж’ купува 30 маски, наречени фантомки. Во 16. 15 се враќаат во ‘Дион’ и на Нинџа му ја покажал кесата со фантомките. Еден час потоа, по наредба на Нинџа, Стефан Младеновски со Филип Спасовски Шеќер, одат во ‘Камуфлаж’ каде докупуваат 30 маски“, рече Русковска.
Васко Маглешов