Во матичната библиотека „Гоце Делчев“во Велес досега се набавени повеќе книги споредено со август минатата година.
Како што информира Игор Крајчев директор на библиотеката, континуирано во текот на целата година нивните полици се збогатуваат со нови книги.
– Дел се купени, а дел подарени од граѓани, од автори и од Министерството за култура. Нашите чекувања се дека до крајот на годинава библиотеката ќе ја збогатиме со повеќе книги што е резултат на зголемените барања на читателите за нови наслови, а од друга страна и како резултат на зголемената продукција на издавачите. Инаку во 2017 библиотеката беше збогатена со 1888 книги, од кои 1382 беа купени и 506 подарени, а до крајот на годинава очекуваме тој број да се надмине, вели Крајчев.
Тој потенцира дека велешани со години наназад важат за одлични читатели и добро се информирани кои наслови се најнови и ги бараат да се набават.
– Тие во комуникација со нашите библиотекари ни пренесуваат кои наслови ги бараат, а тоа се најнови светски бедтселери кои ние се трудиме да ги набавиме, а од друга страна тие така ни го олеснуваат и изборот на книги, појаснува Крајчев.
Инаку велешката библиотека „Гоце Делчев“ која е најстара во земјава е со фонд од околу 100 илјади книги меѓу кои и стари и ретки изданија. Библиотеката сега има вкупно 4.137 читатели од кои 2.289 се возрасни, а 1848 се деца.