Македонија и Чешка ќе продолжат да ја развиваат добрата соработка во образованието, особено во областа на високото образование и науката, преку поголема мобилност на наставниот кадар, заедничка реализација на научно-истражувачки проекти и размена на студенти.
Ова беше истакнато на денешната средба помеѓу министерот за образование и наука Арбер Адеми и амбасадорот на Чешка во Македонија, Мирослав Томан на која, како што информира МОН, изразија задоволство што владите во двете земји имаат идентичен став кога се во прашање вложувањата и напорите за градење конкурентен национален образовен систем со повеќе и поголеми можности за своите граѓани.
– За време на разговорот, министерот Адеми ги презентираше тековните активности на Министерството за образование и наука, но и приоритетите на кои ќе биде насочена работата во наредниот период. Тој се заблагодари што чешкото Министерство за образование, млади и телесно воспитување и јавните високообразовни установи континуирано нудат можности за македонските граѓани за стипендирање на студирањето на одредени студиски насоки и програми во таа земја, соопшти МОН.
На средбата се разговараше и за функционирањето и резултатите од работењето на Институтот за филм во Охрид, кој од 2015 година е основан како единица во состав на штипскиот универзитет „Гоце Делчев“. Тој работи согласно со принципите и со поддршка на кадарот од престижната филмска и телевизиска школа ФАМУ од Прага – петтата најстара филмска школа во светот, за која ова е првата и единствена соработка од ваков тип со надворешна високообразовна установа.
Амбасадорот Томан, наведува МОН во соопштението, истакна дека Чешка ги препознава, но и понатаму ќе дава максимална поддршка на искрените напори на македонската влада за развој и подигнување на квалитетот образованието во земјата.