Охриѓанка повеќе од две години работела како адвокатка без правосуден испит и лиценца

Од:

Повеќе од две години, Емилија Стојаноска од Охрид, во охридскиот суд застапувала странки без положен правосуден испит и без лиценца за работа, дознаваат „А1он“ и „Макфакс“.

Стојаноска во својство на адвокат и полномошник имала мноштво од предмети на кои работела и се појавувала во охридскиот суд. Таа со години успевала да се провлече покрај судиите и службите во судот, а никој од нив не проверил дали охриѓанката има лиценца за работа како адвокат. Стојаноска не е заведена ниту во регистарот на активни адвокати, кој е јавно достапен.

Во претставувањето на Стојаноска како адвокатка неодамна, се посомневала судијката Весна Кичеец, кога охриѓанката се појавила на судење како полномошник на странка. Извори на „А1он“ и „Макфакс“ тврдат дека Кичеец побарала од Стојаноска да приложи решение за упис во адвокатска комора, но адвокатката не го доставила. Судијката Кичеец, ги потврди информациите.

„Не сум јас единствената која се сомневаше во ова лице. Јас практикувам секој адвокат да го проверам во судскиот роковник. Но, тој не се ажурира редовно. Дадов можност, лицето во меѓувреме да се стекнало со решение за успис. Кога увидов дека ја нема во списокот и побарав да ми приложи писменото решение, кое не го достави. Се обратив и во адвокатската комора, од каде ми кажаа дека не постои адвокат со тоа име и презиме“, вели судијката Кичеец за „А1он“ и „Макфакс“.

Предмет за лажната адвокатка отворило Основното јавно обвинителство. Судијката Кичеец, очекува по заклучокот на ОЈО, дека ќе се разгледа можноста судот да ги поништи решенијата на предметите каде Стојаноска се појавувала како бранител.

Претседателот на судот Милчо Клишески, за случајот на Стојаноска веќе дал изјава во ОЈО, заедно со судиите бил на распит во ОЈО, каде ќе се утврдува дали ја задолжувал со предмети. Освен него, во ОЈО биле и повеќе судии.

„Исказ дадов во ОЈО. Обратете се таму. Предмети по службена должност не сум доделувал. Како ќе постапи судот за предметите кои ги застапувала Стојаноска ќе одлучат судиите кои ги работеле по постапката на ОЈО“, вели Клишески.

Дали лажната адвокатка Стојаноска ќе ги врати парите кои ги земала од судот и странките, ќе се знае по истрагата на ОЈО, која треба да заврши со обвинение. Од МВР, до овој момент, нема одговор дали граѓани поднеле пријава против Стојаноска и дали бараат обештетување.

Екипата на „А1он“ и „Макфакс” се обиде, но не успеа да исконтактира со охриѓанката која работела како адвокатка, бидејќи нејзиниот контакт не е јавно објавен. И покрај постапката на ОЈО, нејзината канцеларија е сеуште отворена.

Кристијан Ландов

Би можело да ве интересира

ВИДЕО: Силното невреме направи штети во Битола, Штип и Охрид, се санираат последиците

Катерина Ѓуровски

Охриѓанец со нож повредил тројца, приведен е

Охрѓианец избран за јавен правобранител, продолжил да си работи и како адвокат

Катерина Ѓуровски

Во сообраќајка тешко е повредено 18-годишно момче од Охрид

Во сообраќајка во Охрид тешко е повредена жена

На конференција во Охрид ненадејно почина поранешен шкотски премиер

A1on