Агенцијата за храна и ветеринарство прави вонреден инспекциски надзор во пекарницата „Специјал“ на Рекорд во Скопје каде што во четвртокот беше сликан стаорец како шета по масите. Епидемиолозите и другите здравствени работници се згрозени од постапките на Агенцијата подеднакво како и од стаорецот во пекарница. Велат дека уште следниот ден во шест часот наутро бескомпромисно требало да се стави клуч на пекарницата по допрен глас и да не се остава простор за ургенции или, пак, за брза дератизација, која само на краток рок ќе ги избрка глодарите.
Од Агенцијата за храна и ветеринарство велат дека испратиле инспекции во сите пекарници „Специјал“. Заменик-директорот Фирус Мемед вели инспекцијата е во тек.
„Во моментов инспекциите се на терен и тоа не само во објектот во којшто е сликан стаорецот туку и во останатите на истиот сопственик“, изјави за „Макфакс“ Фирус Мемед, заменик-директор на Агенцијата за храна и ветеринарство.
Од службата за односи со јавност во Агенцијата велат дека допрва ќе се утврдува дали и какви казни ќе следуваат за пекарницата.
„Агенцијата за храна и ветеринарство издаде налог и во моментов врши вонредна инспекциска контрола кај операторот со храна производител на леб и бели печива, по објавената фотографија на социјалните мрежи за еден од објектите на операторот, на која се гледа глодар на една од масите каде се послужува храна. Во рамки на законските надлежности, инспекциските служби на Агенцијата вршат проверка дали од страна на овој оператор со храна се почитуваат пропишаните општи и посебни барања за безбедност на храната, вклучително и тоа дали се спроведени мерките за дезинфекција, дезинсекција и дератизација. Дали и какви мерки ќе бидат изречени против овој оператор со храна, ќе зависи од наодите кои ќе бидат констатирани со контролата што се спроведува во моментов“, велат од Агенцијата.
Последната контрола на пекарницата „Специјал“ на Рекорд од Агенцијата велат дека била на 19 јуни годинава, но не кажаа какви биле наодите. Апелираат граѓаните да пријавуваат недоследности на бесплатната телефонска линија 0800 3 22 22 или на [email protected].
Од пекарницата „Специјал“ на Рекорд никој не сакаше да зборува за стаорецот и за хигиенските мерки што ги преземаат. Девојката што одговара на мобилниот телефон на пекарницата прво рече дека одговорното лице не е во пекарницата и побара да се јавиме за еден час, кога, пак, ни рече дека одговорното лице не е тука денес.
Стаорецот беше сликан на маса во четвртокот, на Илинден, кога пекарницата не работеше. Други денови оваа пекарница е отворена 24 часа.
Стаорецот сликан во пекарницата предизвика бурни реакции во јавноста. Граѓани од различни делови на градот се пожалија на глодари со забелешки дека локалнати власти нецелосно ја завршиле дератизацијата.
Општина Центар, на чија територија е пекарницата „Специјал“, годинава направила пролетна дератизација во март. Опфатени биле 2056 шахти на јавните површини на целата територијата, но градоначалникот Саша Богдановиќ вели дека преземаат вонредни мерки.
„Токму поради реакциите на граѓаните во тек е вонредна дератизација во општина Центар. Ќе се опфатат сите улици што се во наша надлежност“, изјави за „Макфакс“ градоначалникот Богдановиќ.
Од Град Скопје велат дека и покрај барањата на граѓаните, тие немаат ингеренции да прават дератизација и апелираат сопствениците на локалите да си направат дератизации внатре во објектите, а општините пак на јавните површини.
Маја Илиевска-Пачемска