Сезоната на капење на градскиот базен во Крива Паланка почна во средината на јули. Одговорните од Јавното претпријатие „Комуналец“ информираат дека за обнова на базенот годинава биле издвоени околу 200.000 денари.
– Средства за обновување на целиот комплекс на гардската плажа се определени по претходна тендерска постапка. Направена е комплетна реконструкција, која опфати поправка на подната површина со бетон, нанесен е слој лепак и извршено е фарбање на целиот базен. Обновени се туш кабините во помошниот објект, поставени се нови врати, информираше Драги Пејчиновски, раководител на секоторот Паркови и зеленило во ЈП „Комуналец“.
Во водата секојдневно се додаваат средства за хлорирање и одржување чиста вода за капење, согласно со стандардите за вода за капење на јавни места и базени.
– Постојано се врши и мерење на ПХ-вредноста на водата, температурата на водата во малиот и големиот базен се прилагодува, а по потреба се менува целата вода во базенот, додаде Пејчиновски.
Во комплексот на градскиот базен Крива Паланка има и спортски содржини, со пинг-понг маси, терени за одбојка на плажа, баскет, а од почетокот на овој месец формиран е и пливачки клуб кој работи на базенот.
– Базенот е достапен за капачите и оние кои сакат да се разладат од летните горештини и најавените високи температури периодов, секој ден од 10 до18 часот, а влезницата е со симболична сума од 50 денари, рече Пејчиновски.
Обновени се санитарните јазли, а делот околу базенот е и хортикултурно уреден.