Профитот на италијанскиот производител на спортски автомобили Ферари се зголеми за 18 отсто во вториот квартал, бидејќи испораката продолжи да расте. Нето профитот на Ферари за три месеци, заклучно со јуни, пораснал на 160 милиони евра во однос на 136 милиони евра истиот период лани.
Продажбата пораснала за пет отсто на 2.436 возила.
Компанијата ја потврди својата проценка на испорака за цела 2018 година на околу 9.000 возила, како и прогнозата за оперативниот профит на преку 1,1 милијарди евра и приход, кој ќе надмине 3,4 милијарди евра.
Новиот извршен директор на Ферари, Луис Камилери наредниот месец ќе ја претстави новата бизнис стратегија. Камилери на 21 јуни беше поставен на таа функција, на која го замени Серџо Маркионе, кој почина минатата недела по компликациите по операцијата.