„Форумот за демократска Македонија (ФДМ), заедница на иселеници од Република Македонија, им го честита празникот Илинден на сите граѓани во земјата и на сите иселеници, каде и да се.
Овој празник обележува два од најсветлите мигови во македонската историја: втори август, 1903 и 2 август 1944. Илинденците во 1903, без оглед на етничките, верските и идеолошките разлики, поведоа заедничка борба за слободна и демократска држава и ја формираа Крушевската Република, додека борците од НОБ на 2 август, 1944 на Првото заседание на АСНОМ, ги удрија темелите на современа Македонија.
Нивните наследници, граѓаните на денешна Македонија, денес се соочени со бројни предизвици. Борбата заснована на демократски вредности не е лесна, но мора да продолжи. Еден од нејзините клучни елементи е дозаокружувањето на државноста со пристапување во организациите на западните демократии.
Како заедница на иселеници, ги повикуваме граѓаните на нашата земја да истрајат во напорите за соживот во слободна, напредна и успешна држава. Исто така, ги повикуваме да ги сочуваат идеалите на Крушевската Република и АСНОМ, со остварување на сонот за призната и рамноправна држава во семејството успешни и напредни држави, денес и за наредните генерации“, се вели во честитката од Форумот за демократска Македонија по повод Илинден.