ОМД: Бојкот е единствениот достоинствен одговор на референдумот

Од:

„Вчера, на незаконски начин кој отстапува од Уставните одредби и деловникот за работа на Собранието на Република Македонија, Претседателот на Собранието Талат Џафери распиша консултативен референдум со 68 гласови ЗА и без ниеден глас ПРОТИВ или ВОЗДРЖАН. Владејачкиот блок на СДСМ, ДУИ и БЕСА, без присуство на пратениците од опозициската ВМРО-ДМПНЕ, усвои референдумско прашање кое гласи: „Дали сте за членство во ЕУ и НАТО со прифаќање на Договорот помеѓу Република Македонија и Република Грција?“.

Обединетата Македонска Дијаспора (ОМД) смета дека вака поставеното прашање е неприфатливо поради својот манипулативен карактер кој го крие вистинскиот исход од договорот со Грција, кој подразбира промена на името на државата во Република Северна Македонија и бришење на македонската историја и посебност. Воедно, отсуството на опозицијата и експертската јавност при усвојувањето на референдумското прашање, како и консултативната природа на референдумот кој овозможува политичко самоволие без разлика на јавното мислење, ОМД смета дека ги доведуваат во прашање законските и демократски стандарди на земјата.

Според светските научни и политички практики, консултативниот референдум е алатка на партиципативната демократија која служи за консултирање на јавното мислење ПРЕД (а не после) потпишување на еден билатерален или мултилатерален договор. Оттука, распишувањето на консултативен наместо обврзувачки референдум кој се проценува на трошок од 3,5 милиони евра , не само што претставува преседан, туку и огромен трошок за државата, чиј народ на 8 Септември 1991 година со мнозинство од 95% се изјаснил за суверенитетот, идентитетот и името на својата земја.

Следствено, со цел зачувување на достоинството на Република Македонија и спречување на политичкото самоволие, ставот на ОМД како најголема организација на Македонците надвор од Македонија, отсекогаш бил против референдум за промена на уставното име, како резултат на што, и во оваа прилика изразува поддршка и се приклучува кон кампањата на глобалното непартиско движење „Ние Сме Македонија“ за бојкот на референдумот распишан за 30 Септември 2018 година“, се вели во соопштението на Обединетата Македонска Дијаспора (ОМД).

Би можело да ве интересира

На референдумот во Еквадор беа изгласани мерки за борба против криминалните банди

Ирска на референдумот одлучува за уставната идеја за семејството и улогата на жената во домот

Пет години од референдумот за Договорот со Грција

ОМД бара Ескобар да се заложи за правата на Македонците во Бугарија

Словачкиот референдум не успеа поради слабата излезност

Џафери не ја добил референдумската иницијатива за францускиот предлог: Ќе ви кажам кога ќе одговорам

Кристијан Ландов