Подобрување на деловниот амбиент преку интензивирање на соработката на домашни и странски инвеститори во земјата, со посебен акцент на важноста од влез на компании кои користат повисоки технологии со оглед на лимитираните можности и ресурси на малите и средни претпријатија за вложување во истражување и развој, како и квалификувана работна сила која ќе одговори на потребите на пазарот на труд се темите на кои дискутираа потпретседателот на Сојузот на стопански комори на Македонија (ССК), Александар Милошевски и членовите на Управниот одбор со Зорица Апостолска, министер за странски инвестиции во Владата на Република Македонија.
„Веруваме дека влезот на нови технологии ќе придонесе компаниите да ја зголемат својата конкурентност. Потребна е консолидирана оценка на потребите на стопанството и човечките потенцијали во земјата со можност за преквалификации, а долгорочно стратешка промена на севкупниот обрзовниот систем. Влезот на компании кои ќе користат технологии со повисока вредност значи зголемување на продуктивноста, а со тоа и зголемување на стандардот. Македонските компании и младите претприемачи имаат навистина одлични иновативни идеи, што можевме да го видиме и проектите кои добија грантови на Фондот за иновации и технолошки развој. Финансиската поддршкта и инвестицијата во нив ќе значи раст на продуктивноста и конкурентноста“, изјави Милошевски и ја истакна потребата од заедничка инвестиција во проектни активности на странските со домашните инвеститори со цел да се овозможи нивен натамошен раст и развој.
Апостолска, ја истакна важноста од соработката на домашните и странските инвестиции, како и можностите од новиот Закон за финансиска поддршка на инвестиции во правец на поставување на цврста правна рамка, со која освен поддршка за инвестициите и конкурентноста, на компаниите им се дава сигурност.
„Уште од самиот почеток како Влада процесите на креирање на економските политики ги отворивме за домашниот бизнис, компаниите на проактивен начин беа вклучени во процесите на креирање на економските политики кои резултираат со усвојувањетона Планот за економски раст. Владата ја препознава важноста од поддршка на домашните компании за подигнување на нивото на конкурентноста на домашната економија и остварување на реални и долгорочно одржливи стапки на раст на БДП. Овој пристап кон домашното стопанство може да се препознае од Планот за економски раст, во чиј рамки е и Законот за финансиска поддршка на инвестициите. Јасно се гледа дека нашата цел, покрај потикнување на нови странски инвестиции, е и јакнење на конкурентната способност и на домашните компании. Законот дава поддршка за градење на капацитети за освојување на нови пазари, се стимулира усвојувањето и воведување на нови технологии во процесите на производство. Намерата е економскиот раст и развој на земјава да го поставиме на здрави темели преку градење на успешни интеракции помеѓу домашните и странските компани, преку размена на искуства, знаења, и нови технологии“ рече Апостолска и притоа истакнувајќи дека со поканата за пристапни разговори за членство во НАТО деловната клима во Република Македонија добива стабилност и безбедносни гаранции, што се главните предуслови за преземање на сериозни деловни потфати или инвестиции од страна на компаниите.
На состанокот стопанствениците во Сојузот од сите сектори понудија интензивирање на соработката со стопанството со цел заедничка работа на оваа проблематика. Исто така, беше нагласено дека технолошко иновативните процеси на компаниите им овозможуваат да се специјализираат, да ги исполнат меѓународните стандарди за најдобри практики, да го надградат квалитетот, да ги намалат трошоците и најважно од се да отворат нови работни места.
Последните податоци на Народната банка на Република Македонија покажуваат дека продуктивноста на трудот се намалила за 2.1% за една година. Ваквиот тренд беше забележителен преку целата година, а е резултат пред се на услужниот сектор и на индустријата. Продуктивноста се пресметува по формулата сооднос меѓу бруто домашниот производ и бројот на вработени. Според податоците на Еуростат, Македонија е меѓу најнепродуктивните земји. Само соседна Бугарија е скоро исто рангирана како Македонија. Податоците на Еуростат кажуваат дека еден работник за еден час во земјава создава само 42.9% додадена вредност од просекот што го прават работниците на ниво на Европската Унија. Доколку се направи компарација најпродуктивни се работниците во Луксембург со 163.2% од просекот, па Норвешка 152.5% и Швајцарија со 122.5%. Романија има 56.3%, Хрватска 73.1%, Словенија 79.8%, Грција 87.1%.