Децата ќе глумат и ќе учат за театарот на драмска работилница во Капиштец

Од:

Минатите две среди децата од Центар цртаа на ликовната работилница, свиреа на музичката, а оваа среда ќе глумат и ќе гледаат театарска претстава на драмската работилница, која ќе се одржи во 18:30 часот, во паркот Капиштец. Циклусот од седум настани „На одмор сум во Скопје сум – Општина Центар мисли на мене“, што ги организира локалната самоуправа, предизвика голем интерес кај децата и нивните родители.

Од општината велат дека намерата е на интересен и креативен начин да ги едуцираат децата за време на училишниот распуст и да поттикнат дружење на возрасните.

– Драмската уметност привлекува огромно внимание кај најмладата публика. Целта на оваа работилница е да ја доближиме оваа уметност до најмладите. Да дознаат и да научат што сè треба да се направи за да се подготви една претстава. И секако, да учествуваат во подготовката и реализацијата на претставата преку поставување драмска игра и кореографија. Преку разновидни креативни активности во текот на летниот распуст продолжуваме да ги мотивираме децата активно да го минуваат слободното време. Во исто време, да се забавуваат и да стекнат нови знаења и вредности – велат од одделението за образование на Општина Центар.

Детските настани се одвиваат под слоганот „Остави го таблетот, симни се пред зграда“, со цел да се поттикнат децата на игра и дружење во своето маало под отворено небо, наместо целото слободно време да го минуваат пред таблетите, компјутерите или мобилните телефони. За таа цел, третата работилница ќе им понуди два часа забава и едукација за тоа што е драмска игра, како се подготвува сцената, костимите, улогите итн. На сцената ќе глумат деца и професионални актери од Театарот за деца и младинци, кои ќе изведат две интересни драмски игри. Во рамките на настанот ќе се одржи и костимографска работилница на која децата ќе можат да ги цртаат костимите на своите омилени анимирани или телевизиски ликови.

На секоја од двете работилници досега присуствуваа по најмалку 200 деца. Првата беше посветена на ликовната уметност и децата создадоа над 300 цртежи во разни техники. На втората музичка работилница беа презентирани повеќе удирачки инструменти, децата правеа свои инструменти и слушаа музика во живо. Планирани се вкупно седум детски настани кои ќе се одржуваат секоја среда до крајот на летниот распуст.

Би можело да ве интересира

Прва работилница во Општина Центар од кампањата на „Макпетрол“ против врсничкото насилство

„Шанса за Центар“: Шверцерски вметнати нови објекти во ДУП-от за Стара железничка станица

Горан Наумовски

Утре во Скопје ќе има протест и марш, МВР со посебен сообраќаен режим

Горан Наумовски

Општина Центар затвори нелегално градилиште на булеварот „Никола Карев“

„Шанса за Центар“ предупредува: Повторно со техничка исправка на план ќе се гласаат два ката плус спроти стара Градска болница

Маја Илиевска-Пачемска

Комисија од Центар ги запишува покривите што летаа во невремето и поплавените простории