Исланд не мора да им ја надокнади штетата на холандските и британските штедачи чии заштеди пропаднаа со банкротот на исландската онлајн Ајсејв (Icesave) банка, соопшти денеска Судот на Европската асоцијација за слободна трговија (ЕФТА).
Со банкротирањето на исландската финансиска групација Ландсбанки и нејзината подружница Ајсејв во октомври 2008 година, без заштеда останаа повеќе од 400.000 граѓани на Велика Британија и Холандија, пренесува агенцијата АФП.
Владите во Велика Британија и Холандија потоа обештетија 340.000 граѓани, на што потрошија околу 3,9 милијарди евра.
Исланд одби да ги покрие загубите од државната каса, а Судот на ЕФТА сега го поддржа неговиот став и го одби барањето на Лондон, Хаг и Европската комисија.
Владата на Исланд денеска ја поздрави одлуката на судот, укажувајќи дека “Ајсејв повеќе не претставува пречка за економското закрепнување во Исланд.”