Во општина Карпош денеска беше отворена првата „Баланс+ зона“ во која има повеќе фитнес-справи. Зоната е подарок од компанијата „Бимилк“ во знак на подигнување на свеста за спортот и за здравиот начин на живеење.
Градоначалникот на општина Карпош Стефан Богоев изјави дека освен граѓаните на Карпош, придобивки од овој проект ќе имаат и другите рекреативци на градскиот кеј.
– Ова е вистински пример за општествена одговорност, за подигнување на квалитетот на живеење на целокупната заедница и поттикнување на здравиот начин за живот бидејќи примарната цел е да се развиваат здравите навики кај сите граѓани и да имаме дополнителен простор за физичка активност според сите стандарди и критериуми, рече Богоев.
Маркетинг менаџерот во „Бимилк“ Полексена Јанкуловска посочи дека главниот фокус на нивната компанија е здравјето, не само преку обезбедување здрави млечни производи за потрошувачите туку и преку континуирана поддршка на рекреацијата и спортот.
Со цел вистинско подигнување на свеста за важноста од редовни физички активности, од компанијата најавуваат дека и Битола наскоро ќе добие своја „Баланс+ зона“.