„Три автори“ е насловена изложбата на која ќе бидат претставени фотографии направени од архитектите Мирослав Марина и Кирил Михаилов и економистката Мимоза Чолак. Изложбата е во рамки на „Скопско лето“ и ќе биде отворена вечер во НЛБ Галерија од 20:30 часот.
Според кураторот Александар Кондев, таа е посветена на творештвото на луѓето кои го поминале својот работен век, но пензијата не ги попречила во нивните активности.
– Напротив, им дала можност повторно да ги откријат творечките предизвици во себе, да креираат и да ја збогатат нашата култура и секојдневие со уметнички дела. Мимоза Чолак, Мирослав Марина и Кирил Михаилов преку своите фотографии не само што ни дадоа свое гледање на нештата околу себе, тие истовремено покажаа оригиналност во пристапот, висок естетски дострел, авторски оригинален, по тема, техничка обработка и содржина, наведува Кондев.
Според него, целта на изложбата е да ги поддржи сите граѓани-творци и да покаже дека творештвото е супстрат кој го создава и оформува духот на градот, му дава душа и препознатливост.