Неколку млади луѓе од селото Сачево денеска ги крпеа дупките на патот што води од нивното село. Велат дека подолго време општина Струмица не го исполнила ветувањето дека ќе ги санира оштетувањата на овој патен правец.
– Многу тешко се движат возилата по овој пат. Ги искршивме возилата. Некогаш и такси не сака да дојде поради лошиот пат, па затоа одлучивме со бетон да ги наполниме дупките и сами да го решиме проблемот, вели Бојан Стојанов.
На акцијата на младите жители од селото Сачево реагираа од општина Струмица. Оттаму велат дека имаат разбирање за проблемот, но не го оправдуваат начинот на кој се решава.
– Согласно Програмата Ј6-Одржување и заштита на локалните патишта и улици на општина Струмица за 2018 година, а почитувајќи ги законските прописи за вакви градежни зафати, идната недела ќе започне крпењето на ударните дупки во градот и населените места, меѓу кои е и Сачево. Освен крпењето на дупките, оваа година во Сачево ќе се реализира и проектот за санација на двата моста во селото, која што ја побараа жителите на заедничката средба со градоначалникот Коста Јаневски, а во рамките на планот за тампонирање на полски патишта ќе се тампонира патот Сачево-Муртино, информираат од општина Струмица.
Во реакцијата додаваат дека ја разбираат нетрпеливоста на некои жители на селото Сачево, но предупредуваат и на законските дејства кои произлегуваат од непочитувањето на регулативите во делот на постапката која што е преземена од страна на неколкуте млади луѓе, бидејќи нестручно изведените интервенции можат да предизвикаат и други проблеми.
На крајот од реакцијата стои дека општина Струмица секогаш е отворена за соработка со граѓаните, за нивните предлози и идеи и заедничко решавање на проблемите, но не и на начин на кој тоа денеска го направија младите од населеното место Сачево.