Претходно, Економскиот факултет одлучи да не биде дозволено да се снима одбраната на докторатот. „Макфакс“ се обрати и до деканатот од каде што секретарот ни кажа дека се обратиле до Дирекцијата за заштита на лични податоци од каде што им рекле дека околу тоа дали ќе биде дозволено снимање треба да одлучи факултетот. Нивниот став е дека ги штитат личните податоци и поради тоа не може да се снима бранењето на докторатот.
10 минути пред да пристигне на факултет, Груевски беше во кривичниот суд. Тој секој петок се пријавува во судот како дел од мерките за претпазливост.
Темата на докторатот е „Економските ефекти на различните видови меѓународни текови на капитал, со посебен осврт на Република Македонија“.
Комисијата професори во состав: Методија Несторовски, Михаил Петковски, Владимир Филиповски, Љубе Трпески и Живко Атанасовски дала позитивно мислење за докторатот. Според Билтенот објавен на УКИМ, докторатот содржи 315 страници текст, поделени во 7 поглавја. Ментор на Груевски му е професорот Михаил Петковски.