Министерот за надворешни работи Никола Попоски, на покана на шефот на рускара дипломатија Сергеј Лавров, од денеска до 31 јануари ќе престојува во официјална посета на Руската Федерација.
Како што соопшти МНР, Попоски покрај со Лавров, ќе се сретне со претседателот на Комисијата за меѓународни работи во руската Дума, Алексеј Пушков, и со копретседателот на Мешовитата комисија за трговско-економска и научно-техничка соработка Максим Травников.
Воедно, во Трговско-индустриската комора на Руската Федерација ќе биде одржан деловен форум и презентација на економските потенцијали и можности за водење бизнис во Република Македонија.
Се очекува на средбите и разговорите со високите руски соговорници да бидат разменети мислења за најактуелните билатерални прашања од интерес за двете земји, со посебен акцент на економската соработка, трговската размена и можностите за директни руски инвестиции во Република Македонија.
Особено внимание ќе биде посветено на прашања поврзани со реализација на проектите за изградба на крак на гасоводот “Јужен поток” за испорака на гас и гасификација на Република Македонија, стои во соопштението.