Скопското обвинителство бара условни казни за полицајците кои го сликаа поранешниот директор на Бирото за јавна безбедност Митко Чавков во затворот во Шуто Оризари.
„По спроведените истражни дејствија, надлежен обвинител до Основниот суд Скопје 1 – Скопје поднесе предлог за издавање казнен налог против две службени лица од КПУ Затвор Скопје. На лицата им се става на товар дека сториле кривично дело неовластено снимање“, велат од Обвинителството.
Имено, на 30 ноември минатата година првообвинетиот како службено лице што било на стражарска кула го забележал Чавков и преку прозорското стакло без негова согласност го фотографирал. Фотографиите во приватна порака, преку социјалните мрежи ги проследил на тројца колеги, меѓу кои и на второобвинетиот кој понатаму фотографијата ја проследил на уште двајца полицајци.
Во предлогот за издавање на казнениот налог предложено е судот на обвинетите да им изрече условна осуда и да им утврди казна затвор во траење од три месеци, што нема да се изврши доколку обвинетите не сторат ново кривично дело во траење од две години.Инаку за казнени налози не се одржува судење, ако се прифати предлогот на обвинителството.