Во интервју за германски „Билд“, унгарскиот премиер Виктор Орбан изјави дека е подготвен за разговори со Германија по прашањето на мигрантите, доколку Германија претходно постигне договор за ова прашање со Австрија.
– Редоследот на настаните мора да биде – разговори меѓу Германија и Австрија, потоа разговори меѓу Австрија и Унгарија, и на крајот, доколку позицијата на Германија е навистина јасна – разговори меѓу Унгарија и Германија, изјави Орбан, кој најави средба со австрискиот канцелар Себастијан Курц.
Германската Влада е во криза поради поделбите внатре во владејачката коалиција по мигрантското прашање. Канцеларката Ангела Меркел и нејзиниот министер за внатрешни работи Хорст Зехофер постигнаа согласност да се отворат кампови за мигранти на германска територија во кои ќе се разгледуваат нивните барања за азил и за враќање на мигрантите кои веќе поднеле барање за азил во друга земја членка на ЕУ.
Европската Комисија, но и засегнатите членки на ЕУ, како Австрија и Унгарија, го разгледуваат овој договор.