„Тврдењето на г. Костадин Костадинов, пратеник на СДСМ, дека претседателот Иванов ги блокира назначувањата на амбасадорите на Република Македонија е голема лага и манипулација, со цел дефокусирање на јавноста и обид за вршење притисок врз македонскиот претседател, поради неговиот став за Законот за ратификација на Спогодбата со Грција.
Доколку политичката партија СДСМ има забелешки за постапката и процедурите за именување на амбасадори, ја упатуваме на одговори во Кабинетот на министерот за надворешни работи.
Ја информираме јавноста дека за сите предлог-кандидати за амбасадори, за кои претходно е постигната согласност со Министерството за надворешни работи, постапките за нивно именување се во тек. Согласно законските процедури, за дел од прифатените и усогласени предлози, постапките за нивно именување се завршени и дипломатите се веќе упатени на извршување на амбасадорската должност.
За изјавата на г. Костадинов дека „претседателот Иванов дејствува само кога треба да аболицира криминалци“, потсетуваме дека на таа листа на помилувани се наоѓа и г. Зоран Заев, кој е помилуван два пати, а претходно и аболициран од поранешниот претседател Црвенковски. Оттука, благодариме на искреноста на политичката партија СДСМ што својот лидер го третира како криминалец.
За нас е нејасно, како може политичката партија СДСМ во денешните три јавни настапи со обвинувања кон претседателот Иванов, ниту еднаш да го напише или спомене уставното име на нашата држава, Република Македонија.
Од друга страна, јасно и очекувано е дека политичката партија СДСМ преку вакви манипулации се обидува да изврши притисок врз претседателот Иванов, поради неговите политики и цврсти ставови во одбрана на достоинството на македонскиот народ и граѓаните на Република Македонија, а во врска со непотпишувањето на Указот за прогласување на Законот за ратификација на Спогодбата со Грција“, се вели во реакцијата од Кабинетот на Претседателот на Република Македонија на изјавата на Костадин Костадинов, пратеник на СДСМ.