ИФФК „Браќа Манаки“ под слоганот „Симнуваме капа“ од 22-ри до 29 септември

Од:

Под слоганот „Симнуваме капа“ (Hats off), од 22-ри до 29 септември во Битола ќе се одржува 39. Интернационален фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“, за кое интензивно се прават подготовките, соопшти денеска на прес-конференција во Скопје раководството на фестивалот.

Повод беше соопштувањето на добитникот на „Златна камера 300“ за животно дело – британскиот оскаровец Роџер Дикинс, кинематографер на култни филмови како „Бегство од Шошенк“, „Фарго“, „Човекот кој не беше таму“, „Нема земја за стари луѓе“… и познат по соработката со браќата Коен. За неговата професионална биографија зборуваше уметничкиот директор на „Браќа Манаки“ Благоја Куновски-Доре во присуство на британскиот амбасадор Чарлс Гарет.

Директорката Гена Теодосиевска најави издание со голем број содржини и новитети – се зголемува бројот на фестивалски програми и оваа година ќе бидат 14. Годинава ќе има и нови селектори на филмските програми: Марија Џиџева ќе биде на документарната програма, Даријан Пејовски и Марија Апчевска – селектори на кратките филмови, Слаѓан Пенев – за програмата „Европски филмски перспективи“ која почна пред две години.

– ИФФК „Браќа Манаки“ е препознатлив како една специфична и автентична филмска територија, поради искрената почит кон маговите на визуелната креација на филмската уметност, кинематограферите, но и поради непосредноста на која наидуваат сите фестивалски гости, рече Теодосиевска, нагласувајќи дека да се поместуваат границите, не значи да се негира досега направеното. – Во една смисла значи промена, но не и отфрлање на позитивните искуства вклучени со години и градени со децении од оние кои ја почувствувале потребата да се основа и да се организира еден ваков фестивал и да се слави филмот во градот на браќата Манаки, рече директорката на фестивалот.

Претседателот на Друштвото на филмски работници на Македонија (ДФРМ) Игор Иванов-Изи истакна дека остануваат посветени на „Браќа Манаки“. Годинава, рече тој, фестивалот ќе го има своето „транзициско” издание во пресрет на големиот јубилеј догодина.

– Ние, филмските професионалци од Македонија, со 40-тиот „Браќа Манаки“ очекуваме нова ера на македонскиот филм. Почнавме стратегија за конечно расчистување на тоа што го стигматизираше и обременуваше филмот во Македонија, а се однесуваше на филмови кои тешко се продуцираа и се завршуваа, со чудни теми од историјата… Сакаме да го ставиме фокусот на младите автори и да снимаме филмови кои се случуваат овде и сега и зборуваат за нашите генерации и она што нас не опкружува, рече Иванов-Изи.

Соопшти и дека пред почетокот на 39-тиот ИФФК, ДФРМ ќе го заврши процесот за избор на македонски кандидат за Оскар и дека оваа година има дури осум или девет филмови кои би можело да бидат номинирани ако се исполнети условите. – Се надевам дека повеќе нема да се случи да немаме свој претставник за Оскар, рече претседателот на ДФРМ.

Плакатот за 39-тото издание на фестивалот, со слоганот „Симнуваме капа“ (Hats off), е креативно решение на маркетинг-агенцијата „Меккен Скопје“ и инспирирано од безвременските капи на браќата Манаки и градот во кој живееле и твореле. Капите лебдат врз еден препознатлив објект во Битола (Завод и Музеј), а пораката е благодарност за нивната работа и за сите што придонеле во градењето на фестивалот во изминатите речиси четири децении.

Би можело да ве интересира

Почесна „Златна Камера 300“ за Јанаки Манаки од ИФФК „Браќа Манаки“

Предраг Петровиќ

MINТ Fintech Group – сребрен партнер на Интернационалниот фестивал на филмската камера Браќа Манаки

Предраг Петровиќ

Со премиера на „Домаќинство за почетници“ почна Фестивалот „Браќа Манаки“

Лабина Митевска е годинашна добитничка на наградата „Голема ѕвезда на македонскиот филм“

Мони Дамевски реизбран за директор на фестивалот „Браќа Манаки“

140 години од раѓањето на Милтон Манаки: Изложба во рамки на фестивалот нем и класичен филм