(ВИДЕО) Заев: Датумот за ЕУ и покана за НАТО потребни мотивирачки пораки

Од:

Премиерот, Зоран Заев, во Виена се обрати во австрискиот Институт за меѓународни односи (ОИП), кој заедно со Европскиот фонд за Балканот (ЕФБ) и Балканската советодавна група за политика во Европа, ја организираа дебатата на тема „Кон заедничка европска иднина на Југоисточна Европа – примерот на Македонија“.

„За мене како премиер, но и мојата земја и граѓаните на Република Македонија, претставува голема чест да отвориме дебата од стратешко значење за земјата и регионот, за европската иднина на Југоисточна Европа преку случајот со Македонија“, рече Заев во обраќањето додавајќи дека Македонија направила голем скок напред само за една година, од работ на неуспех кон најголемите аспирации – ЕУ и НАТО.

Премиерот истакна дека чудата се можни кога цврсто веруваме во вредностите, а тоа во случајот со Македонија се европските вредности што, како што рече биле поттик да се изложи целиот политички кредибилитет и да се работи со транспарентност.

„Кога го потпишавме договорот со Грција за решавање на спорот и стратешкото партнерство поместивме планини и не треба да се сомневаме, тоа беше постигнато со нашата чесна желба за подобра сегашност и иднина на граѓаните на Македонија, регионот, Европа и светот“, рече Заев.

Премиерот посочил дека новата демократска Влада, по 10-годишен режим, влегла во реформска акција за обнова и развој на демократските вредности, владеењето на правото и правдата, безбедноста на граѓаните и нивната економска стабилност и дека покажала лидерство во обидот да ги затвори сите отворени прашања со соседите.

Заев потоа ги соопштил и личните очекувања и, како што рекол, очекувањата на граѓаните на Македонија.

„Очекуваме датум за отворање на преговорите со ЕУ. Затоа, повторно тука ја испраќам пораката – Ве молам да продолжите да нѐ поддржувате. Добивањето датум за отворање на преговорите со ЕУ значи подобар животен стандард за граѓаните во Македонија. За регионот тоа ќе значи мотивација за политиката на отворени врати на Унијата. За Европа и светот, тоа ќе значи зајакнување на евро-атлантските перспективи за овој стратешки важен регион, што честопати претставуваше извор на конфликт, но сега тој се трансформира во извор на стабилност, безбедност и перспективи во светски рамки“, истакнал Заев.

Како што информираат од владината прес-служба, премиерот, од организаторите на дебатата добил значајна порака, дека сакаат да ја видат Република Македонија, како дел од Европската унија и порака оти сега е моментот, по позитивните промени во земјата, државата да отпочне преговори со Унијата.

Во одговорите на прашањата во текот на дебатата, Заев рекол очекува позитивен референдум за името, дека Русија и Турција се исто така големи пријатели на Македонија со коишто нашата држава ќе продолжи да ја развива економската соработка и дека во врска со мигрантската криза земјава ќе продолжи да постапува во партнерство со ЕУ.

На настанот присуствувале истакнати претставници на научната и универзитетска јавност, во политиката, претставници на дипломатскиот кор, студенти, и граѓани од Македонија кои учат или живеат во Австрија.

Би можело да ве интересира

Мицкоски е оптимист за македонската евроинтеграција по самитот на Берлинскиот процес

Тарнер: Украина има право да пука во цели во Русија

Бербок: Берлин е за укинување на едногласноста во ЕУ, но Скопје мора да ги почитува компромисите

Горан Наумовски

До Владата засега не е пристигнато предлог-решение за правична застапеност, вели Митева

Неуспешни преговори за електричните кинески автомобили

Предраг Петровиќ

Експлодираше воз: Наредена итна евакуација