Изложба и промоција на збирка хаиги „Поврзи се…“

Од:

Вечерва во кафе-галеријата „Концепт 37“ ,со почеток во 20:00 часот, со изложба на 11 хаиги, ќе биде промовирана книгата „Поврзи се…“- збирка хаиги од Дијана Петкова и Камелија Шојлевска.

Проектот содржи 50 хаику песни од Дијана Петкова и 50 фотографии од Камелија Шојлевска инспирирани од природните убавини на Македонија, споени во хаиги. Хаику е кратка јапонска поетска форма. Тоа е песна составена од три стиха со вкупно 17 слога. Во хаику стиховите авторт го впишува своето моментално расположение и доживување предизвикано од набљудувањето на природата или природните појави.

Хаига е стил на јапонско сликање во кое е содржана хаику песна. Исто како и кратката песна којашто ја придружува, хаигата се заснова на едноставни, но и длабоки набљудувања на секојдневието. Современата хаига е поврзување на хаику песна со фотографија (цртеж, графика, колаж, акварел), коишто за читателот и гледачот претставува вербално и визуелно доживување на моментот.

Книгата „ Поврзи се… “ ќе ја промовира Катерина Ангеловска-тренер за личен развој, којашто во својата рецензија напиша: „Поврзи се…“ е подарок за сите нас, подарок што ни овозможува да се поврземе со нашето суптилно јас и нè тера повторно да копнееме. „Поврзи се…“ е враќање дома.“

„Поврзи се…“ е прв заеднички проект на овие две авторки.

Дијана Петкова е родена во Скопје. Дипломирала на Филолошкиот факултет во Скопје, на групата Македонски јазик со историја на книжевностите на југословенските народи.

Нејзината поезија е објавувана во списанијата „Современост“, „Стожер“, а застапена е во антологијата „Отчукување на срцето во македонската поезија“од Светлана Христова-Јоциќ (2012) и во зборникот „Надреалистички гугилипапули“ со поезија и кратки раскази (2016).

Досега ги издала збирките поезија „Стефанија“(1999), „Деца од свила“ (2011), „Нова реалност за просторот“ (2013) , „Честичка свесност“ (2014), „Мамо што има за јадење?“ – хаику готвач за свесни мажи и жени (2016) и „Енсо•Поврзување со целоста“ (2017).

Камелија Шојлевска е родена во Скопје. Дипломирала на Универзитетот „Св.Кирил и Методиј“ на групата Историја на уметност со археологија. Нејзината голема љубов за комуникација ја одведе кон професијата на телевизиски новинар во МРТ, каде што иницира многу проекти на полето на културата, социологијата, образованието и забавата.

Особен интерес покажа кон ТВ водителството во програмите во живо работејќи како водител и новинар на истите. Беше дел од тимот којшто го иницираше екпрерименталниот канал 3 на Македонската радио телевизија, којшто подоцна ќе стане модел за приватните телевизии што ќе се отвораат во македонскиот етер. Иницираше нов начин на презентација и комуникација коишто во својата основа ги вклучија квалитетите на слобода на говор и размислување, покажувајќи ја својата голема потреба за естетика и убавина.

Таа е првата новинарка – дописнчка на CNN World Report во текот на 1991-1992, по осамостојувањето на Македонија. Во 1992 како избрана на конкурсот на CNN, го посетува Инернационалниот професионален програм на CNN каде што учи за потребата на новинарот слободно да размилува и да ги има во себе интегритетот и кредибилитетот.

Авторка е на првиот женски метафизички роман „Небесен човек“издаден 1994, а 2010 издаден во Америка под наслов „Quantum Woman Celestial Man“. Пишува сценарија: „Под куполата“ и „Бисерот на Црвеното Море“.

Изработи серија „Низ Македонија“- 24 епизоди на патување низ земјата.

Во моментов работи на ноќните програми на Македонското радио.

Хаигите ќе биде изложени во кафе-галеријата „Концепт37“ до 07.07 2018.

Би можело да ве интересира

Со изложбата „Пет години КСП Центар – Јадро“, започна третото издание на Маалски фестивал

Во Утрехт изложба „5х10“, на дела на пет реномирани македонски фотографи

Изложба на мозаици „ Наследство во камен“ на Изет Зеќири

Горан Наумовски

Во Корча ќе се одржи промоција на македонски национални носии од Преспа

„Ретроспектива“ – самостојна изложба на Даме Затуровски

Изложба „Простор и тишина“ на Билјана Билбилоска