Наместо од призмата „што дадовме“, договорот треба да го гледаме од перспективата „што добивме“, и сметам дека двете земји, но и целиот регион имаат добивка, вели вицепремиерката и министер за одбрана Радмила Шекеринска во интервју за грчкиот весник „Ефимерида тон синдактон.
– Говорејќи стратешки, на Балканот, кога две земји имаат меѓусебни проблеми сите ние страдаме. Кога две земји решаваат еден проблем, сите ние добиваме. Секако, Балканот е комплициран, тоа е повеќефакторна партија шах, но знаеме дека е во интерес на сите нас да го осигуриме овој дел од Европа, а овој договор, ние го третираме како поддршка кон оваа заедничка желба, вели Шекеринска.
Како што јави дописничката на МИА од Атина, вицепремиерката и министерката за одбрана објаснува дека сега бил „реткиот временски момент кога владите и во двете земји имаа политичка волја да се реши проблемот“, опција што секако има цена. Шекеринска во интервјуто потенцира дека единствениот избор без цена е „да не правиш ништо, што е штетно за земјите, но градиш политички кариери“.
Во однос на реакциите од најголемите опозициски партии во двете земји, ВМРО-ДПМНЕ и Нова демократија, Шекеринска вели дека тие се другото лице на монетата.
– Јас двајцата ги нарекувам „Мицко-такис“, според имињата на двајцата лидери, Мицкоски и Мицотакис. Тие се другото лице на истата монета. Кога ги читам изјавите во Атина и не знам кој го кажува тоа, си мислам дека говори опозицијата во Скопје и обратно. Се вели дека кога еден компромис се соочува со толку силно противење и од двете страни, веројатно дека е праведен компромис. Верувам дека наместо да го гледаме договорот од призма „што дадовме“ и двете земји треба да го видиме од перспективата „што добивме“. И верувам дека и двете земји добија и треба да бидеме задоволни со ова, објаснува вицепремиерката и министерката за одбрана на Македонија.
Прашана за реакциите од граѓаните и од двете страни на границата, што се противат на договорот, Шекеринска вели дека тие треба да се „интегрираат во позитивен дијалог со аргументи“, но и да „не се бориме со нив со омраза, туку да им пристапиме со правилни аргументи“. Како пример, таа ги споменува илјадниците Грци што доаѓаат во Охрид, Битола и Гевгелија, но и македонските туристи што ги преплавуваат плажите на Халкидики.
– Верувам дека и двете земји ќе имаат корист, ако нашиот регион стане постабилен. Ако меѓусебно се гледаме како пријатели и сојузници. Кога бев во Преспа и разговарав со некои луѓе таму и го видов менталитетот, но и природата, тогаш си реков во себе, дека имаме многу повеќе заеднички работи од она што противниците сакаат да го признаат. Верувам дека во иднина двете земји ќе можат да се разберат и стратешки да си дадат меѓусебна поддршка. Да се потсетиме што се случи со мигрантската криза, да размислиме дека и двете земји се соочуваат со слични економски и општествени тешкотии, вели вицепремиерката во интервјуто за викенд изданието на грчкиот весник, пренесе МИА.
На прашањето дали стабилноста и стравот од дестабилизација биле факторите што воделе кон компромис, Шекеринска објаснува дека амбицијата и просперитетот на земјата биле главните цели.
– Мојот став е дека движечката сила што нѐ поттикна кон договор не беше стравот, туку амбицијата. Наша прва цел не беше само да донесеме стабилност, туку и да обезбедиме просперитет за земјата, вели министерката за одбрана.
Таа објаснува дека внатрешно – политичката криза од изминатите години се должела во еден степен на недостатокот на перспектива, на затворени врати, на изолација, а сето тоа, според неа е поврзано со спорот со името. Друг дел се должел на погрешните избори на политичарите што не обезбедиле подобра иднина за граѓаните.
– Граѓаните гласаа дека оваа надеж и перспектива се поврзани со нашата соработка со соседите и наше учество во ЕУ и НАТО. Видовме дека најголемата опасност за дестабилизација, не доаѓа од надвор, туку од внатрешноста. Ако не се подобрат институциите, ако не го направиме правосудството праведно, слабоста се крие во внатрешноста, а не во надворешни фактори, објаснува вицепремиерката и министерка за одбрана.
Во интервјуто за грчкиот весник, Шекеринска говори и за стереотипите со кои требала да се бори во 90-те, како една од осумте жени во Собранието. Вели дека не било лесно, но е горда што сега е нормално за луѓето, жена да биде министер за одбрана. Го споменува и ланскиот напад во Собранието, коментирајќи дека не била привилегирана затоа што е жена и била еднакво повредена како и нејзините колеги –мажи.
– Имам одговорност и тежина да бидам активна во политиката подеднакво со мажите и немав проблем да ги прифатам и последиците од овој избор. Сепак, важно е да потенцирам дека во последните години, како со сегашната, така и со минатите влади, имавме и имаме жени на одговорни позиции во нашето општество и се надевам дека ова им дава повеќе амбиции, сила и слобода на помладите жени во земјата, вели Шекеринска.