Судот да ја запре кривичната постапка против Сашо Мијалков, побара денеска неговиот адвикат, повикувајќи се на аболицијата што ја донесе претседателот Ѓорге Иванов.
„Предлагам судот да донесе решение за запирање на постапката кон обвинетиот Сашо Мијалков“, рече адвокатот Љупчо Шврговски и додаде дека одлука на Иванов не може да биде суспендирана со Законот за измени и дополнувања на Законот за помилување.
На Мијалков му се суди за предметот „Таргет -Тврдина“. Според обвинителниот акт, преку три системи за следење на комуникациите во УБК, во периодот од 2008 до 2015 година незаконски биле следени 4.286 телефонски броеви за кои воопшто не биле издадени судски наредби. Комуникацијата била следена пред да бидат издадени и по завршување на траењето на важноста на судските наредби на 1.541 број или вкупно 5.827 телефонски броеви. Прислушувани биле над 20 илјади граѓани.