Од здружението за заштита на животните „Анима мунди“, денеска преку соопштение јавно прашуваат која е причината што парите првично наменети за „Вардариште“ властите на град Скопје со ребалансот на буџетот ги укинуваат и ги наменуваат во други ставки.
Оваа реакција на здружението следува во пресрет на утрешната седница на Советот на Град Скопје, на која ќе се усвојува и ребалансот на буџетот. Оттаму наведуваат дека станува збор за средства што биле проценети како неопходни за да се направат основни измени и услови за работа на „Вардариште“ во ситуација кога состојбата со бездомните животни во главниот град е, како што велат, повеќе од алармантна, згрозувачка и загрижувачка.
„Си игра ли Град Скопје со довербата на активистите за права на животните, како и довербата на секој граѓанин кој очекува проблемот со бездомните животни да биде ставен под контрола и конечно решен? Дали се измама и лажни ветувања сите обврзувања за целосна реорганизација на стационарот „Вардариште“, хуман третман на животните и инволвирањето на здруженијата за заштита на животни во неговото работење за да се надмине проблемот што тековно само се продлабочи“, прашуваат од „Анима мунди“.
Оттаму истакнуваат дека бараат итен одговор на тоа што се чека додека кучиња во „Вардариште“ умираат од зарази или се убиваат, инфраструктурните услови се катастрофални, работи несоодветен кадар, кој, како што велат, досега во пракса покажал дека ниту има сенс за работа со животни, а бројката на бездомни животни во градов не е намалена.
„Бараме ургентна ревизија на предлог-изменувањето на буџетот на Град Скопје и ниту денар наменет за ‘Вардариште’ да не се пренасочува во други намени. Бараме итно официјализирање на влезот на активисти во стационарот како управувачко тело и суштински измени во работењето на стационарот во интерес на хумано, континуирано и одговорно спроведување на програмата ‘Залови, стерилизирај, врати’, нејзина надградба преку дефинирање итни мерки и активности со цел да се унапредат сигурноста на граѓаните и хуманиот третман на животните“, се наведува во соопштението на „Анима мунди“.
Од здружението за заштита на животните истакнуваат дека нема да го сметаат како одговор изговорот дека нема ДУП во општина Гази Баба и дека постојниот објект на стационарот е дивоградба.
„Во изминатите месеци и тоа како имаше време за да се лоцира соодветна парцела и да се почне со изградба на нов стационар“, велат од „Анима мунди“, од каде што го потсетуваат градоначалникот на неговото ветување од изборната програма со која победи на локалните избори.
„’Вардариште’ е минато. Во Скопје отвораме нов стационар по европски стандарди за згрижување и третман на улични кучиња. Продолжуваме со вакцинацијата и стерилизацијата на уличните, но отвораме и програми за едукација на сопствениците на домашните миленици за да го направиме градот безбеден и пријатен за сите. Отвораме и престојувалиште за домашни миленичиња, за привремено згрижување, при отсуство на сопствениците. Во секој градски парк и на зелените површини поставуваме задолжителни делови за рекреација на милениците. Во спомен на нашите починати миленичиња отвораме градски гробишта за милениците во првата година од мандатот“, го цитираат од здружението предизборното ветување на актуелниот скопски градоначалник.