Надворешната канцеларија за криминалистички работи Прилеп до Основното јавно обвинителство Прилеп поднесе кривична пријава против директорот на прилепскиот затвор С.Р. (53) поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „несовесно работење во службата“, соопшти МВР.
Пријавениот во својство на директор на Казнено-поправната установа Затвор Прилеп, со повреда на законските прописи за совесно постапување при вршење на дискреционо овластување, со пропуштање на должен надзор како и на друг начин со несовесно постапување во вршење на своите овластувања и должности, прибавил за себе и други одредена корист.
Како што посочуваат од МВР, по добиена согласност за работно ангажирање на осудени лица, склучени биле писмени договори за работа помеѓу Затвор Прилеп, претставуван од пријавеното лице, и фирма од Прилеп. За потребите на фирмата, Затвор Прилеп се обврзал да му праќа три осудени лица кои ќе извршуваат работни задачи со утврден надоместок, утврдено работно време секој работен ден, почнувајќи од 21 март годинава. Контрола на работното ангажирање на осудените лица била должна да врши Комисија од три члена формирана од директорот – пријавеното лице. Контролата трбало да се врши најмалку еднаш неделно, а по проценка и повеќе пати. Од извештаите за извршени контроли во месеците април и мај годинава, било заведено дека една контрола била извршена во април, а четири во мај и секогаш била констатирана уредна состојба. Тоа отворило простор за можни злоупотреби од страна на ангажираните осудени лица во фирмата и по насока на јавен обвинител полициски службеници од Полициската станица Прилеп на 11-ти овој месец извршиле контрола и констатирале дека лицата осуденици кои тој ден требало да се јават на работа во фирмата, не биле затекнати на работните места т.е. не се наоѓале во кругот на фирмата. На овој начин пријавениот постапил спротивно на „Упатство за условите, начинот, и постапката за работно ангажирање на осудено лице надвор од установата“, донесено од страна на Управата за извршување на санкции од 2011 година.
Покрај ова, како што е наведено во соопштението, пријавениот не се придржувал кон договорот за јавна набавка на стоки – течно гориво со фирма од Прилеп. Во периодот од февруари, март, април и мај 2018 година, иако редовно доставувал извештај за полнење на гориво во службеното возило – референтот за возниот парк во Затворот го внесувал само горивото од причина што во испратниците не бил внесуван податок за поминати километри. Врз основа на договорот, пријавениот бил должен да го впишува податокот за поминати километри. За користењето на возилото пријавениот не изготвувал соодветни патни налози.
Пријавениот С.Р. несовесно постапувал и по Законот за извршување на санкции. Наместо службата за обезбедување – Сектор за обезбедување, лично тој и книговодителот со две службени возила од кои едното нерегистрирано, извршиле спровод на седум осудени лица до Казнено-поправната установа Затвор Скопје.
Од страна на пријавениот биле презентирани само два меморандуми за соработка – еден со приватна фирма и еден со Јавната установа Детска Иднина, но во Книга за рапорт биле внесени податоци за работно ангажирање на осудени лица и во општина Прилеп. Од извршените проверки од страна на полициските службеници, упатените осудени лица во општина Прилеп не биле затекнати на работните места.
Владата на вчерашната седница ја усвои одлуката за разрешување на директорот на КПУ Прилеп, Слободанчо Ристески.